Цело Порторико на улица


Познатиот пејач Рики Мартин качен на камион беше на чело на протестите

Полицијата во Сан Хуан испука солзавец во понеделникот вечерта за да ги растера илјадниците демонстранти, кои бараат гувернерот на Порторико да поднесе оставка поради навредливите разговорни пораки, најновиот скандал што го погоди банкротираниот остров што се бори да закрепне од ураганите од 2017 година.

Полицијата беше активирана во 23 часот за да ги растури демонстрантите кои сè уште беа на улиците во стариот град на Сан Хуан, по целодневните демонстрации на стотици илјади жители. Гувернерот Рикардо Росело сака да остане на власт и покрај тоа што поднесе оставка како претседател на владејачката Нова прогресивна партија и објави дека нема да се кандидира за реизбор следната година.

Во понеделникот изутрина се случи генерален штрајк на оваа американска територијата, демонстрантите го извикуваа сега познатиот слоган „Рики поднеси оставка“, мавтаа со знамиња и удираа на тапани. Демонстрациите го зафатија островот откако на 13 јули беа објавени стотици страници на протечени текстуални пораки меѓу гувернерот и 11 члена на неговиот внатрешен круг.

Пораките содржат хомофобични и сексистички клевети против политичките ривали и културни личности. Тие, исто така, содржат и шега за мртвите тела за време на ураганот „Марија“, кој го уништи островот во септември 2017 година.

Најголемиот трговски центар во Порторико, „Плаза де лас Америкас“, беше затворен пред демонстрациите во понеделникот заедно со многу други бизниси. Минатата недела полицијата употреби солзавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите на огромен митинг пред резиденцијата на гувернерот во главниот град на островот Сан Хуан.

Кармен Порела (40) беше меѓу оние кои протестираа во понеделникот. Основач на една туристичка компанија со седиште во Порторико, таа рече дека Росело „покажал дека не е способен да управува“.

„Мислам дека е време да имаме нов Порторико и тоа започнува со нова влада… Овој разговор даде светлина на она што сите ние веќе го знаевме, дека ова е многу корумпирана влада“.

Во Овалната канцеларија во понеделникот, Доналд Трамп повторно ги нападна Росело и градоначалникот на Сан Хуан, Кармен Јулин Круз, гласен критичар на гувернерот и претседателот.

„Тој е ужасен гувернер. Имате уште полош градоначалник на Сан Хуан“, рече Трамп. „Ние работевме одлично во Порторико. Тие не сакаат да ни дадат кредит… Имам многу пријатели од Порторико“, додаде тој.

Голем број високи републиканци и демократи го повикаа Росело да поднесе оставка, но Белата куќа формално не побара да си оди.

Организаторите на протестите го обележаа планираниот штрајк „660.510 + 1“ во понеделникот, еден човек повеќе од оние кои гласаа за Росело, со цел да се одбие предлогот на гувернерот да не поднесува оставка поради неговиот народен мандат.

Во интервју за Фокс њуз, Росело се бореше да покаже докази за поддршка, конечно цитирајќи еден единствен локален градоначалник, кога новинарот го праша за „само едно име“ на истакнат поддржувач.

Како и минатата недела така и во понеделникот голем број од најголемите уметници во Порторико се појавија на демонстрациите. Пејачите како што е Рики Мартин, самиот предмет на хомофобично исмевање во протечените пораки и раперите Резидент, Бед Бани и пејачката Ил, станаа неофицијални фигури во движењето без водачи за да го соборат Росело.

„Тие се потсмеваа на нашите мртви, им се потсмеваа на жените, на ЛГБТ заедницата, на луѓето со физички и ментални пречки, и правеа шеги со дебелината. Доста е“, рече Мартин во видеозаписот објавен на Твитер пред маршот.

На Росело и 11 други лица вмешани во скандалот со пораки им беа пратени покани од одделот за правда на островот. Додека голем број од членовите на групата за разговор, меѓу кои и поранешниот државен секретар Луис Ривера Марин, поднесоа оставка поради аферата, Росело повторува дека пораките не содржат ништо незаконско.

„Направив грешки и се извинив за нив“, рече тој за време на своето обраќање на Фејсбук во живо во неделата вечер. „Јас сум добар човек кој го сака својот остров и сите што живеат. Го започнав мојот мандат да ја водам судбината на Порторико во најуништувачката економска и фискална панорама досега“.

Администрацијата е погодена од корупциски скандали.

Непосредно пред избувнувањето на скандалот со текстуални пораки, ФБИ уапси голем број службеници на администрацијата – вклучувајќи го поранешниот секретар за образование на Росело – поради наводите за корупција и проневера од 15,5 милиони американски долари во федералните фондови распределени во Порторико по „Марија“.

Многу демонстранти носеа плакати со број 4.645, проценетата бројка на загинати од „Марија“, според истражувањето на Харвард. Администрацијата на Росело на почетокот наведе дека бројката на загинати е 64 години, пред да ја ревидира на 2.975. (Гардијан)