Цела година ништо не се презема за изградба на автобуското метро во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Цели 12 месеци нема никакви податоци за тоа што се случува со проектот за изградба на автобуско метро, кој треба да го реализираат градските власти. Информации за тоа што се случува со брзиот автобуски систем – БРТ Скопје, немаат ниту државните институции, иако побарале податоци од градските власти. Мета.мк го контактираше градот Скопје за овој проект, но не добивме никакви информации до пишувањето на овој текст.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк велат дека градот Скопје се изјаснил дека не е заинтересиран за реализација на проектот, со кој треба да се обезбеди градските автобуси да се движат по засебна траса на две БРТ линии – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и од Пинтија до Бутел.

Инаку, државните институции уште во април 2021 година го потпишаа договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на финансиски средства од 70 милиони евра за изградба на автобуското метро во Скопје, кое требаше да профункционира кон крајот на 2025 година.

„ТРАМВАЈОТ НА ТРКАЛА“ ЌЕ СЕ ГРАДИ СО 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАЕМ ОД ЕБОР, РОКОТ ЗА ИЗВЕДБА Е КРАЈОТ НА 2025 ГОДИНА

Со реализацијата на овој проект, треба да се обезбеди побрз јавен превоз за граѓаните на Скопје, со поголем комфорт и капацитет за превоз на патници на двете БРТ линии, а крајниот исход од реализацијата на автобуското метро би била зголемен број на превезени патници во скопскиот јавен превоз и намалување на автомобилскиот транспорт во главниот град.

Министерството за транспорт и врски и градот Скопје во 2021 година беа во фаза на заедничка изработка на целокупната техничка документација за изведба на автобуското метро, сега за сите информации поврзани со овој проект од ова министерство упатуваат до Министерството за финансии и до градот Скопје.

Од Министерството за финансии за Мета.мк објаснуваат дека и тие не добиваат информации од градот Скопје за реализацијата на БРТ-то.

„Иако Министерството за финансии има испратено допис до градот Скопје во однос на реализација на овој проект, нема добиено повратен одговор за статусот на проектот“, информираат од ова министерство.

Мета.мк пред точно една година пишуваше тема во однос на реализацијата на автобуското метро во Скопје, а споредувајќи ја ситуацијата тогаш со денес, може да заклучиме дека нема помрднување од мртва точка во однос на изградбата. Градот Скопје и лани, идентично како и денес, не одговара на поставените новинарски прашања во однос на тоа кои активности се преземени за изведба на БРТ-то.

ГРАД СКОПЈЕ ОДБИ ДА ГРАДИ БРЗ АВТОБУСКИ ТРАНСПОРТ, СО РЕБАЛАНСОТ ПОВЛЕЧЕНИ ПАРИТЕ ЗА НОВ ЈАВЕН ПРЕВОЗ

Од Министерството за финансии објаснуваат дека имплементацијата на проектот е во надлежност на градот Скопје, средствата согласно договорот треба да ги повлече Министерството за транспорт и врски, додека Министерството за финансии, согласно Законот за јавен долг, е потписник на договорот во име на Владата. Од Министерството за финансии дополнуваат дека доделените средства од 70 милиони евра од ЕБОР се наменски и не можат да се користат за други цели од градот Скопје или од друга институција. Досега не се платени никакви пенали, бидејќи средствата за изградба на автобуското метро не се повлечени.

И додека трета година се одолговлекува имплементацијата на проектот, македонскиот главен град се соочува со сериозни сообраќајни проблеми. Од една страна, официјалните податоци покажуваат намален интерес кај граѓаните за користење на скопскиот јавен превоз, а наспроти ова има значителен пораст на бројот на регистрирани возила во Скопје, со што сообраќајниот метеж во градот и недостигот на паркинг места уште повеќе расте. Дополнително, во зимските месеци има сериозен проблем со квалитетот на воздухот во Скопје, а токму транспортот е еден од главните загадувачи.

Инаку, статистичките податоци од ЈСП-Скопје покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници бил намален бројот на превезени патници на градско-приградските линии во споредба со периодот од пред појавата на ковид-19 пандемијата.

КАТАСТРОФАЛЕН ПАД НА БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ ВО СКОПСКИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ [ИНФОГРАФИК]

Тендерот за изградба на автобуското метро во Скопје беше објавен во октомври 2021 година од страна на претходното градско раководство, но новата градоначалничка Данела Арсовска одлучи да го стопира спроведување на тендерот во текот на декември 2021 година.