Цела Европа падна на колена пред Омикронот – рекордни бројки на заразени
Во Франција дури 335.000 нови инфекции во последниот ден. Рекорди бележат и Италија, Португалија, Шведска, Холандија...

Неверојатно цунами од нови инфекции се случува во Европа најмногу поради новата варијанта на корона вирусот – Омикрон. Здравствените власти речиси и да не мпжат да ги добројат случаи и никој од епидемиолозите нема претстава кога би можела да запре оваа спирала. Веројатно додека сите не се разболат.
Франција Министерот за здравство, Оливие Веран, му рече на парламентот дека новите случаи изнесуваат 335.000, што претставува нов дневен рекорд во Франција.
Франција, исто така, пријави дополнителни 246 смртни случаи од ковид во болниците во последните 24 часа. Во единиците за интензивна нега има 3.695 луѓе.
Португалија Владата соопшти дека правилата за изолација можеби ќе треба да се ублажат пред општите избори на 30 јануари, бидејќи таа стана последната европска земја што пријави рекорден број нови случаи, пренесува Ројтерс.
Во средата имаше 39.570 нови инфекции.
Но, со една од највисоките стапки на вакцинација во светот, приемите во болница во Португалија и смртноста остануваат далеку под нивото забележано во претходниот врв на болеста на почетокот на 2021 година.
По состанокот со здравствените експерти, претседателот Марсело Ребело де Соуса им рече на новинарите дека владата сака да се погрижи сите, вклучително и оние што мораат да се изолираат поради вирусот, да можат да го искористат своето право на глас.
Турција И оваа земја пријави рекорден пораст на дневни случаи, со 66.467 нови инфекции во последните 24 часа.
Исто така, забележа 143 смртни случаи поради корона вирусот во истиот период. Случаите во Турција се повеќе од двојно зголемени за нешто повеќе од една недела, бидејќи варијантата Омикрон стана доминантна во земјата.
„И покрај порастот на инфекциите поради варијантата Омикрон, нема загрижувачки пораст на хоспитализацијата“, напиша министерот за здравство Фахретин Коча на Твитер.
Италија втор ден по ред пријавува рекорден дневен број нови случаи. Нејзиниот најнов вкупен број е 189.109 случаи во споредба со 170.844 во вторникот.
Дневниот биланс на смртни случаи поврзани со корона вирус падна на 231 од 259.
Италија има регистрирано 138.276 смртни случаи поврзани со вирусот откако се појави неговата епидемија во февруари 2020 година и досега има пријавено 6,76 милиони случаи.
Пациентите во болница со ковид – не вклучувајќи ги оние на интензивна нега – во средата изнесуваа 13.364. Бројот на пациенти на интензивна нега е 1.428.
Шведска Јавните здравствени власти ги советуваа рестораните, културните места и центрите за одмор да почнат да бараат од клиентите да покажат дигитален доказ за вакцинација против корона вирусот.
Мерката е дел од доброволно упатство за бизнисите од шведската агенција за јавно здравје, наместо законско барање. Во моментов, пропусниците се користат само за јавни собири и настани во затворен простор на повеќе од 100 луѓе.
Според новото упатство, локациите можат да воведат сертификати како услови за влез „во повеќе активности каде што ризикот од ширење на инфекцијата е голем“, рече Лена Халенгрен, министер за социјални работи.
Шведска објави рекордни 17.320 нови дневни случаи во средата.
Холандија во средата регистрираше повеќе од 24.000 нови инфекции со ковид за 24 часа, што е рекордно високо ниво, покажаа официјалните податоци.
Бројката дојде откако варијантата Омикрон стана доминантна во земјата за време на строго заклучување.
Полска Претседателот Анджеј Дуда објави денеска дека по втор пат е позитивен на корона вирусот. Повеќе луѓе во негова близина исто така се инфицирани. Полска денеска пријави 17.196 нови случаи и 632 смртни слуачи.
Огромни бројки на заразени има и во нашиот регион.