Цела Црна Гора остана без струја, но и Далмација, БиХ, Албанија и Грција

Хаварија на црногорскиот електро-дистрибутивен систем остави без струја поголем дел од Балканот


На температури близу и над 40 степени целзиусови повеќе Балкански земји денеска останаа без струја поради оптоварување на електро-дистрибутивниот систем. Според регионалните медиуми, оптовареноста на црногорскиот систем предизвикало избивање на далноводите, па без струја е поголем дел од Црна Гора, Далмација, делови од Славонија во Хрватска, речиси целата територија на Босна и Херцеговина, северниот и источниот дел на Албанија, како и северозападниот дел на Грција.

„За вакви инциденти, на европско ниво се формираат работни групи кои ќе истражуваат такви работи. Ваквите истраги траат шест месеци“, рече на прес-конференцијата Данко Блажевиќ од Хрватскиот преносен оператор.

„Падна далновод меѓу Грција и Албанија, а потоа дојде до прекин. Но, ова не е официјално, засега се прелиминарни информации“, рече тој, а потоа додаде: „Минатата година го срушивме рекордот во летната потрошувачка, денес бевме далеку од тоа“.

Снема струја во Црна Гора

 Речиси целата област на Црна Гора е без струја, соопшти Црногорскиот електродистрибутивен систем (ЦЕДИС).

Како што се наведува во краткото соопштение на Фејсбук страницата на ЦЕДИС, проблемот е „дефект во мрежата на црногорскиот електропреносен систем’.

Не се знае кога проблемот би можел да се реши.

И Далмација без струја

Денеска околу 12.25 часот цела Далмација во Хрватска, остана без струја, а хрватските медиуми дознаваат дека струја нема ниту во Херцеговина.

Според ТПортал, проблемите со напојувањето може да се последица на хаварија, но засега не е јасно што се случило.

Неофицијално се дознава дека проблемите настанале поради наводен дефект во Црна Гора.

Во градовите од Задар до Сплит и Макарска воопшто нема струја, семафорите не работат, а настанал и сообраќаен хаос.

 
Голем дел од Босина и Херцеговина  остана без струја.
 
Струја нема во Сараево, Горажде, Бања Лука, Прњавор, Котор Варош, Живинице, Лукавац, Маглај, Дервента и многу други градови.
 
Низ цела Босна и Херцеговина од пладне има прекин на електричната енергија, пишува Дневни аваз.
 
Причината сè уште не е позната. Во Сараево имаше сообраќаен колапс бидејќи не работат семафорите.
 
Без струја и Тирана и други албански градови

Без електрична енергија од пладне е Тирана и повеќе градови во Албанија, како Корча, Елбасан, Скадар, Драч, Поградец, Лежа и Кукс.

-Илјадници семејства останаа без струја во топол ден кога температурите достигнаа 41 степени Целзиусови и кога денешниот ден е еден од најтоплите денови. Недостигот на електрична енергија предизвика хаос  во сообраќајот поради неработење на семафорите, објавија медиумите.

Официјално соопштение за причината од државните институции нема, но, медиумите наведуваат дека има проблеми со далноводот Албанија-Црна Гора, но и далноводот  Албанија-Грција.