Цел викенд Скопски моден фестивал во Сити Мол


Првата сезона на Скопски моден фестивал, ќе се одвива во трговскиот центар Скопје Сити Мол од денеска до 27 март. Учесници на фестивалот се реномирани дизајнери и брендови од земјата и странство, заедно со истакнати уметници и музичари како специјални гости во програмата.

Првото издание на Скопски моден фестивал, нова забавна манифестација за сите љубители на убавиот дизајн, уметноста и музиката ќе понуди богатата програма поделена во два посебни дела со учество на над дваесет македонски и интернационални учесници.

Првиот викенд од март е резервиран за сценски спектакл со модни ревии и шоуа кои се закажани денеска, на 5.03 (сабота) и 6.03 (недела) од 19 до 22 часот на првиот кат од Скопје Сити Мол. Ден подоцна, на 7.03 (понеделник) во 19 часот свечено ќе се отвори и тринеделниот изложбено-продажен салон во трговскиот центар, каде ексклузивно ќе можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници.

Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, Емили Пишева Гоџирова, Моника Димова, Сара Реџиќ и Мирјана Јосифоска, односно брендовите KTN, Minnimal, Bella, Superstacy, La Dama, Minimal by Nana и SIGMA Jewelry ќе се запишат како првите учесници на Скопски моден фестивал, заедно со странските гости: STL Studios (Грција), Teja Jeglich (Словенија), Katerina Zoto (Албанија) и престижната школа Akademia Evolucion (Косово).

Специјално претставување во рамки на манифестацијата ќе имаат и уметниците Бојан Ковски и Методија Јованов – Excellent Kitsch, додека премиерните чекори на модната писта ќе ги направи и сосема нова генерација на модели од сите домашни агенции. Првата сезона на настанот е под слоганот „The Future was Present”, а официјално ќе започне со гала вечер во петок од 19 часот во Скопје Сити Мол.