Цел свет го нарекува јазикот „македонски“ само Генчовска ништо не сфаќа, вели историчарот Стефан Гечев

Познатиот историчар вели дека изјавата на Генчовска била „арогантна и навредлива“ и дека јазикот не може поинаку да се нарекува освен „македонски“


Стефан Дечев

 

Во Бугарија дел од познатите интелектуалци ја изложија на потсмев вчерашната изјава на министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, во која таа рече дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. Познатиот историчар и професор на Универзитетот во Софија, Стефан Дечев вели дека изјавата на Генчовска била „арогантна и навредлива“, бидејќи тие што го зборуваат македонскиот јазик „нема како поинаку да го нарекуваат“.

Генчовска вчера по потпишувањето на Протоколот со министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изјави дека „Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Но преостанатите 26 земји-членки имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став“. Дечев вели дека не може цела Бугарија да се срами од одлуката на одредени лингвисти, кога во цел свет јазикот се признава како македонски.

Еве што напиша Стефан Дечев во својата остра објава на Фејсбук:

„Главата на Генчовска е толку празна (без извинување) што веќе откако и онака се преврте автомобилот, наместо веднаш да каже ‘Бугарија ќе даде еднострана изјава за јазикот’, таа постојано повторува ‘Не го признаваме македонскиот јазик’, „Не сме го признале македонски јазик’ итн.

Таа воопшто не сфаќа колку е ова арогантно и навредливо за оние што го зборуваат овој јазик, кои го нарекуваат ‘македонски’, бидејќи нема како поинаку да го нарекуваат. А тоа остава крајно лош впечаток во странство и создава погрешен впечаток дека Бугарија нема никакво право ниту во историските работи. Не може цела Бугарија да се срами поради одлуката на една секција во БАН (академијата на науките – н.з.) или на едно семејство лингвисти.

Во Брисел, во Париз, во Берлин, во Амстердам, во Копенхаген, во Токио, во Вашингтон, во Москва, во Киев, во министерствата за надворешни работи, на универзитети, катедри, департмани, јазикот е „македонски“, но Генчовска сакаше да направи впечаток со изјава. И тука немаат никакво значење падежите, инфинитивите, членовите, акцентите итн. Секое дете израснато во добро семејство знае дека треба да каже „Добар ден!“ и Благодарам!” (Во Бугарија за разлика од Македонија е и ‘Мерси!’ кое дојде дури по Првата светска војна). Ако соседот си го нарекува јазикот ‘македонски’, тогаш само од добро воспитание, а не филолошки знаења, треба да го нарекуваш ‘македонски’“. (Н.В.)