Цел Холивуд на Мет-гала : Вечер е најважната модна писта на светот


САД- Вечерва, Институтот за костимографија на њујоршкиот музеј „Метрополитен“ ќе го организира добротворниот престижен настан, со најголемите холивудски ѕвезди на црвениот килим, а темата на модната изложба ќе биде – Camp: Notes of Fashion (Камп: Белешки за модата).

Камп во овој контекст всушност е „камп концепт“. Терминот го воведува авторката Сузан Сонтаг во еден свој есеј во 1964 година и значи љубов кон театралност, нешто што е неприродно и преувеличано. Во модна смисла претставува намерно претерување и драматичност во стилот, обично со хумористичен ефект.

Според Ендрју Болтон, главниот куратор на Институтот за костуми, темата значи љубов кон артифициелност, ироничност, гротеска, пародија, екстравагантност, мешавина на уметности, нешто што може да се забележи и во колекциите на Алесандро Микеле за „Гучи”. Тој смета дека „Камп” мода има и кај Марк Џејкобс и Ив Сен Лоран и кај Марјан Пејоски,  во стиловите на Шер и Елтон Џон, „камп” е „Москино” и Галијано, па и Доналд Трамп и поп музката, и многу други современи феномени… Во овој контекст Болтон вели дека изборот на познатите за годинешната Мет гала треба да вклучува „Панделка која е претерано голема, премногу пердуви и монистри…”.

Традиционална домаќинка на настанот е Ана Винтур, уредник на американскиот „Вог“ а во улога на кодомаќини годинава ќе се појават  поп-ѕвездите Хари Стајлс и Лејди Гага, тенисерката Серена Вилијамс и дизајнерот Алесандро Микеле од „Гучи“.