Цел Балкан бележи зголемување на бројот случаи со Ковид-19 во последната недела
Неделниот тренд на нови ковид-случаи е во пораст, безмалку во цела Европа, но најизразено тоа е на Балканот.
Така, според податоците на „Ворлдометерс“ Црна Гора бележи пораст од 5 отсто. Имено, минатата недела биле забележани 126 случаи, додека оваа недела има 132 нови случаи со Ковид-19.
Во Србија, се забележува пораст од 17 отсто. Неделава има забелжано 635 новозаразени, додека минатата имало 545, што претставува зголемување за 17 отсто.
Во Хрватска ситуацијата е уште подраматична, со зголемување на бројот новозаразани за 27 отсто. Односно, минатата недела биле забележани 477 нови случаи со Ковид-19, додека неделава 606. Сепак во однос на починатите минатата недела починале 17, додека неделава 16.
Албанија има скок од 67 отсто. Изминатата недела кај нашиот западен сосед забележани се 18 нови случаи, додека неделава 30 и нема ниту еден починат, а претходната недела од последиците на Ковид-19 почина еден пациент.
Грција е со највисок пораст на новозаразени, за што властите го обвинуваат новиот делта сој. Така, кај нашиот јужен сосед забележан е пораст од 153 отсто на нови случаи. Ако минатата недела имало 2.886 новозаразени, оваа недела забележани се дури 7.315 нови случаи со Ковид-19. Во однос на починатите, забележани 101 смртен случај минатата недела за разлика од оваа кога има забележано 54 смртни случаи.
Од окружувањето, само Бугарија е со намален број новозаразени, во однос на минатата недела. Имено, во последните седум дена забележани се 487 нови случаи со корона вирус, додека минатата недела имало 505. Кај нив загрижува фактот што минатата недела имаало 41 смртен случај од последиците од Ковид-19, а оваа недела 78, што претставува зголемување за 90 отсто.
Дека полека расте боројт на случаи и во Македонија покажува неделната статистика. Така, ако минатата недела вкупно се заразиле 42, оваа недела има 50 нови случаи, што претставува зголемување за 19 отсто.
Вчера, Министерството за здравство соопшти дека има седум нови случаи со делта сојот, кој најпрво се појави во Индија.
-По детектирањето на 7 пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се испостави дека истите не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат. Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат, порачуваат од Министерството.
Според „Ворлдометерс“, во Македонија изминатата недела од последиците на Ковид-19 починале седуммина, додека во последните седум дена бројот се намалил на двајца, што претставува намалување за 71 отсто. (Б.Б)