ЦЕФТА пазарот за е-трговија вреди 1 милијарда евра


ЦЕФТА е клучна во градењето на Заедничкиот регионален пазар и неговата интеграција во единствениот пазар на ЕУ

 

Македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши и бугарскиот заменик министер за економија, Стамен Јанев, денеска ко-претседаваа со состанокот на министрите за економија во рамки на Заедничкото претседателство на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес за 2020 година.
Состанокот беше одлична можност за отворена дискусија со претставниците од Западен Балкан, како и со партнерите од Берлинскиот процес, Комисијата, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА, меѓународните и регионалните организации за важни теми како што се Зелена агенда, проширување на Зелените коридори / Ленти и воспоставување на Заеднички регионален пазар.
„ЦЕФТА е клучна во градењето на Заедничкиот регионален пазар и неговата интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Заеднички регионален пазар ќе донесе побрзо усогласување со регулативата на ЕУ и ќе го забрза процесот на интеграција во ЕУ за страните на ЦЕФТА. “ – рече Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА. „Ќе се фокусираме на четири клучни приоритети – проширување на зелените коридори / зелени ленти кон соседните земји-членки на ЕУ, понатамошно усогласување на процедурите во рамките на ЦЕФТА преку договорите за заемно признавање (МРА), градење на регионален пазар за е-трговија и воспоставување на механизам за решавање спорови “, посочи Ѓикиќ. „Овие активности ќе ги намалат трошоците за трговија и времето поминато на премините, ќе овозможат производите и услугите побрзо да стигнат до пазарот на ЦЕФТА и ќе ги отстранат нетарифните бариери меѓу страните“.


„Во рамките на регионалната трговска агенда, активностите на ЦЕФТА се насочени кон олеснување на трговијата со стоки и услуги и воспоставување регионален пазар за е-трговија. Пазарот за електронска трговија на ЦЕФТА денес се проценува на околу 1 милијарда евра, со силен раст. Нашата работа е да овозможиме пристап до овој пазар за млади и креативни луѓе кои можат да создадат работни места за повеќе млади. Треба да извезуваме стоки и услуги преку Интернет, ЦЕФТА одобри патоказ за да се води нашиот пат кон отстранување на најголемите бариери за прекугранична дигитална трговија, истакна  министерот за економија Крешник Бектеши.

Во рамките на Сесијата за Зелената агенда, учесниците дискутираа за резултатите од Зелените ленти и ја поздравија иницијативата за нејзино проширување кон соседните земји-членки на ЕУ.
„Системот ЦЕФТА СЕЕД ќе ја поддржи имплементацијата на Агендата за Зелена лента, ќе овозможи побрз транзит на стоки и услуги меѓу ЦЕФТА страните и кон ЕУ“ – изјави  Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.