ЦЕФТА ќе го спроведува најголемиот дел од активностите од планот за Заеднички регионален пазар


Шестемина лидери од Западен Балкан ќе го усвојат планот за формирање Заеднички регионален пазар (ЗРП) на самитот во Софија што ќе се одржи утре во рамки на Берлинскиот процес. ЦЕФТА директно ќе ги спроведува клучните активности од планот.

-Западнобалканската шесторка предлага Акциски план за Заеднички регионален пазар (ЗРП) што треба да се спроведе до крајот на 2024 година. Овој амбициозен план содржи активности поделени во четири главни области и тоа регионална трговска област – за слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе, регионална инвестициска област – за усогласување на инвестициските политики со ЕУ стандардите и најдобрите меѓународни практики како и за промоција на регионот кај странски и меѓу-регионални инвеститори, регионална дигитална област – за интеграција на Западен Балкан во пан-европскиот дигитален пазар; и регионална индустриска и иновациона област – за трансформација на индустриските сектори, обликување синџир на вредности во кои припаѓаат тие сектори и нивна подготовка за актуелната реалност но и за идните предизвици, информираат од Централноевропскиот договор за слободна трговија.

ЦЕФТА директно ќе ги спроведува главните активности во регионалната трговска област, но и во другите области опфатени со овој план, зедно со Регионалниот совет за соработка, Транспортната заедница и другите партнери. ЦЕФТА има за цел јакнење на трговската размена, создавање привлечна инвестициска клима и придонес кон економскиот развој и соработката меѓу членките.

Во рамки на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар, Централноевропскиот договор за слободна трговија ЦЕФТА ќе се фокусира на натамошно унапредување / проширување на зелените коридори – со пружање на 24/7 услуга од страна на сите инспекциски служби на граничните премини и со преземање на други активности со цел зголемување на ефикасноста, се очекува да се скрати времето на чекање на границите за 30 проценти, на програма за заемно признавање која ќе овозможи производите и услугите да се ставаат во промет на целиот ЦЕФТА пазар со единствена документација која е признаена од сите членки, воспоставување регионален пазар за е-трговија  – усвојување на усогласени правила, поедноставување на царинските процедури и обезбедување ефикасна достава на целиот ЦЕФТА пазар и на системска размена на електронски податоци (SEED+).

-Заеднички регионален пазар дополнително ќе ги стимулира активностите на ЦЕФТА и членките. Нашата работа во наредните четири години ќе биде да оствариме конкретни резултати за добробит на нашите фирми и граѓани. Сакаме да го скратиме времето на чекање на премините и да ги направиме трговските процедури поефикасни што секако ќе значи штедење на време и намалување на извозните трошоци. Сакаме регионалниот пазар да го доближиме до сите компании и стопанственици преку интернет продажбата и промовирање на трговија „без хартија“. Сето тоа ќе му помогне на нашиот регион да фати чекор во процесот на усвојување на ЕУ стандардите и приближување до пазарот на Европската Унија, вели Емир Ѓикиќ, директор на ЦЕФТА Секретаријатот, во пресрет на Самитот на кој ќе учествува.

Формирањето заеднички регионален пазар ќе придонесе за ставање на регионот на мапата на атрактивни дестинации за глобалните инвеститори. Со брзо усогласување со ЕУ прописите и раст на можностите за работа со поголем број добавувачи, ќе се отворат нови работни места, ќе биде достапен поголем избор на производи по пониски цени за потрошувачите, а истовремено ќе им се овозможи на луѓето да работат во целиот регион. Поголем регионален пазар ќе значи пресвртница за фирмите од регионот кои подобро ќе се интегрираат во европските синџири на вредности и ќе ја зајакнат својата конкурентност на европскиот и светскиот пазар. Европската унија ќе продолжи да биде клучен партнер на регионот во овој потфат.