ЦДЦ: Во теретаните и фитнес центрите да се носат маски и при вежбање
Истражувачи од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ги советуваа фитнес центрите да спроведат низа превентивни мерки за спречување на ширење на епидемијата.
Овие мерки вклучуваат носење маска за лице и повик до членовите и персоналот да останат дома доколку имаат симптоми или се позитивни на коронавирус.
Отежнато дишење за време на интензивна физичка активност во затворен простор поттикнува побрз пренос, како и тренерите кои гласно извикуваат упатства за вежбање до членовите може да придонеле за ширење на вирусот, покажува истражувањето на ЦДЦ.
Авторите напоменуваат дека вежбањето на отворено или посетувањето виртуелни курсеви може да го намали ризикот од инфекција.
Ричард А. Теран, епидемиолог на ЦДЦ и еден од авторите на студијата, вели дека членовите кои доаѓаат во спортски сали и фитнес центри треба да бидат свесни за симптомите на Ковид-19 и треба да останат дома доколку се сомневаат дека се заразени со коронавирус.
Теран и неговите колеги во теретана во Чикаго анализирале 55 заразени лица меѓу 81 лице што посетувале часови по интензивно вежбање од 24 август до 1 септември. Меѓу нив, 22 лица отишле да вежбаат на денот кога имале симптоми или ден подоцна. Три лица отишле да вежбаат на денот кога добиле позитивен тест за коронавирус или ден подоцна. Вкупно 43 членови на теретана кои биле позитивни тренирале и вежбале кога биле заразени, пренесува Њујорк Тајмс.
Членовите носеле маска при пристигнување во теретаната, им била мерена температурата, но ја тргнале маската за време на вежбањето.
Истражувачите на Хаваи поврзале 21 случај на инфекција со 37-годишен машки инструктор за фитнес во Хонолулу, кој предавал во неколку објекти и развил симптоми на Ковид-19, се наведува во извештајот на ЦДЦ.
Само неколку часа пред инструкторот да развие симптоми, тој држел курс за возење велосипед со 10 учесници, а никој од нив не носел маска. На почетокот на јули, сите присутни биле позитивни на коронавирус, меѓу нив и друг фитнес инструктор, 46-годишник.
Дванаесет часа пред симптомите да се појават кај друг инструктор, тој одржал неколку сесии за кик-бокс и личен тренинг. Од 11-те лица, 10 се заразиле.
Градот Хонолулу на 22 јули донесе одредба маски да се носат во просториите за вежбање, дури и за време на вежбањето.