ЦДЦ: Вакцината против Ковид-19 на почеток не треба да им се препорачува на децата

САД – Вакцината против Ковид-19, кога ќе стане достапна, на самиот почеток не треба да им се препорачува на децата бидејќи во сегашната фаза на истражување таа не е тестирана врз деца, е ставот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Децата ретко развиваат симптоми на вирусот, а ЦДЦ наведува дека вакцината досега е тестирана само врз возрасни мажи и жени кои не се бремени, како и дека групата испитаници во иднина може да се промени затоа што за истражувањата ќе бидат потребни повеќе луѓе, пренесуваат британските медиуми.

Американскиот центар, исто така, соопшти дека секоја вакцина против коронавирус, барем првично, треба да се користи според овластувањата за итна употреба на американската Управа за храна и лекови, но, исто така, и дека снабдувањето со вакцини до крајот на годината може да биде ограничено, па во тој случај прво би се вакцинирале најранливите групи.