Царовска: Во училиштата нема ширење на вирусот, предвремен распуст е неаргументиран предлог на опозицијата

Првото полугодие на учебната 2020/2021 ќе заврши на крајот на годинава, а второто ќе почне на 21 јануари 2021. Предвремен зимски распуст не е потребно зашто во училиштата нема ширење на вирусот, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на прашање за предлогот  од опозицијата распустот да почне порано.

Царовска рече дека не слушнала аргументи од опоцизијата со кои тој предлог би бил оправдан, наведувајќи дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко просуство во целата држава е помал од 1 процент.

–  Во моментов активни ученици со физичко присуство се 79, што е 0,06 проценти од вкупниот број ученици, и 148 наставници до вчера, што е помалку од 1 процент од вкупниот број наставници во нашата држава. Ова се факти кои зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, дека образовниот систем е стабилен и училиштата ги почитуваат мерките и здравствените протоколи. Токму затоа продолжуваме да го спроведуваме Планот од Владата за учебната 2020/2021, според кој второто полугодие ќе почне на 21 јануари, а на крајот на годинава ќе заврши првото полугодие, рече Царовска на прес-конференција посветена на буџетот за образованието за 2021.

Образовниот процес и систем се натпартиски, се работи за сите деца – и нивните и нашите, рече министерката. Нагласи дека е секогаш спремна за дискусија со опозицијата и со сите што имаат различен став, доколку тие се базираат на аргументи и факти значајни за да се донесе поинаква одлука, но дека такви аргументи и факти не добила од опозицијата.