Отворена за посетители зоолошката во училиштето „Браќа Миладиновци“, влезот бесплатен


Зоолошката градина во дворот на училиштето „Браќа Миладиновци“ во Скопје, постои повеќе години, и е дел од практична настава за учениците,  а од денеска таа официјално ќе биде отворена за сите посетители. 

Влезот е слободен, односно со донирање на симболична сума, секој ќе може да влезе и да го  посети  ЗОО Парк во средното училиште „Браќа Миладиновци“.

Во зоолошката има зајаци, патки, гулаби, срни, коњчиња и други животни, за кои се грижат учениците, а воедно се обучуваат за она што во иднина треба да биде нивна професија.

– Средните стручни училишта забрзано се модернизираат од инфраструктурен аспект и од аспект на обезбедување интересна и креативна настава фокусирана на практична обука, со што стануваат интересни за идните средношколци. Едно од нив е и „Браќа Миладиновци“ во Скопје кое воведува нови содржини преку кои учениците ќе стекнуваат квалитетни компетенции и вештини. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на средното земјоделско – ветеринарно училиште лоцирано во општина Кисела Вода кое отвори ЗОО парк и промовираше аквапоника систем, што од идната учебна година ќе служат за обука на учениците.

 „Училиштето се одлучи за еден интересен концепт на работа и подготовка на учениците овде во рамки на самиот објект, искористувајќи ги сопствените капацитети и кадар и вложувајќи во свои работилници и места за практична обука на ученици. Всушност, ова училиште станува првото кое има вакви содржини, многу значајни за создавање на добро подготвени генерации преку обучување во природна средина“, рече Царовска, додавајќи дека и МОН преку СКИЛС проектот финансиран од Светска банка минатата година го потпомогна процесот на модернизација на училиштето, со тоа што беа набавени опрема, механизација и инструменти потребни за реализирање на практичната настава.    

 „Училиштето е целосно подготвено за модерен начин на образование и очекувам да биде добар избор за идните средношколци, а јас со задоволство го препорачувам. Струките се дефицитарни, а образованието обезбедува конкурентност на пазарот на трудот.  Мотив плус се и стипендиите за ученици кои се запишуваат во дефицитарни струки, меѓу кои е и земјоделско – ветеринарната струка. Овие ученици можат да добиваат по 2.200 денари месечно за 9 месеци го годината“, потенцираше Царовска.  

 Министерката рече дека нејзините очекувања се во иднина од ова училиште да произлегуваат уште побројни и подобро подготвени генерации на ученици кои не само што брзо ќе се вработуваат, туку и самите ќе имаат и ќе реализираат свои бизнис идеи и ќе постанат работодавачи.

– Чест ми е што сме денеска овде во едно од најинвентивните и најкреативните училишта и од аспект на луѓето коишто овде работат како наставници, како управа, како директор, меѓутоа и од аспект на учесниците што мене особено ме радува. Ова е едно од училиштата во коешто и  јас како градоначалник пред некаде околу три години ја препознав таа креативност и како што самите можете да видите денеска целосно се оправдани поддршката и вложувањата што ние ги дадовме како Град, Министерството за образование и наука, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Кисела Вода. Денеска можеме да присуствуваме на официјалното отворање на реновираната зоолошка градина која има повеќе од триесет различни видови животни, што постоеше во рамките на училиштето меѓутоа ние ја изреновиравме и сега ја правиме достапна за граѓаните. Влезот ќе биде бесплатен, меѓутоа сакаме до колку некој сака да даде средства за влез  и да го поддржи овој процес  којшто е резултат на вредните и бистри умови на средношколците пред се, нивни вредните раце, како и на поддршката на нивните наставници и на  Градот Скопје- кажа Шилегов.   

Тој додаде дека „Браќа Миладиновци“ е едно од средните училишта во градот каде што се одвива дуална настава, со што се гарантира дека реално дефицитарниот   кадар, како стручен кадар и во рамките на земјоделската струка и во рамките на ветеринарните техничари,  што овде се профилираат,  ќе им даде  можност на децата коишто овде се запишуваат по завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на трудот и ќе можат  веднаш  да се вработат.

–  Град Скопје во изминативе три и пол години сериозно вложува во инфраструктурата на училиштата, во ова училиште во коешто се наоѓаме два трака од училиштето се целосно реконструирани и се замените азбестните материјали коишто ги имавме, целосно се реконструрани училниците и се опремени со нов мебел, две нови лабаратории имаме во ова училиште, дигитализирано е целосно училиштето од смарт табли до антибактериски подови, така што за мене како градоначалник императив е и можете да видите во овие отворени денови коишто ги имавме во средните училишта колку е подобрен квалитетот на нивната инфраструктура, но нема да престанеме да инвестираме бидејќи така инвестираме во нашата иднина- нагласи Шилегов.   

На пуштањето во употреба на зоолошката градина и на промоцијата на аквапоника системот во СУГС „Браќа Миладиновци“ присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и градоначалниците на град Скопје и Кисела Вода – Петре Шилегов и Филип Темелковски.