Царовска: Со реформaта ќе ги поттикнеме учениците да размислуваат


Со новата концепција за првпат нудиме образование кое е инклузивно, со кое училиштата ќе станат места каде учениците ќе научат да учат, ќе постигнат личен развој и ќе ги поттикнеме да размислуваат и да носат заклучоци врз основа на анализа и факти. Со оваа образовна концепција ќе создадеме идни генерации кои ќе знаат да одговорат и да ги решаваат секојдневните предизвици, со знаењето стекнато во училиште, но и ќе знаат да одговорат на работните места кои допрва ќе се создаваат во иднината.

Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која учествуваше на панел дискусија организирана од „Фајнанс тинк“ на тема социо-економското влијание од Ковид-19 во Северна Македонија.

Таа, како што соопшти Министерството за образование и наука (МОН), посочила дека образованието во цел свет, па и кај нас се покажа дека не е имуно на пандемијата, но таа пак била причина да се забрзаат процесите на дигитализација.

На панел дискусија, додадоа од МОН, учествуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и Џихан Тавилах, претставник на Светска здравствена организација.