Царовска: Со планско градење и инвестиции обезбедуваме пристап до образование на секое дете

Методологијата за прераспределба на општинските буџети за основните училишта, изработена од Здружението на истражувачи и аналитичари – ЗМАИ, поддржано од Фондација Отворено општество, според МОН, ги дава најважните сегменти во кои треба да се насочат инвестициите за да се подобрат инфраструктурните услови во основното образование.

На денешната презентација на истражувањето, министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека за квалитетно образование, покрај добри наставни програми, потребни се и современи објекти во кои ќе се одвива наставата.

– Факт е дека околу 30 проценти од училишните згради во државата се во лоша состојба. Со децении било запоставено одржувањето и вложувањето во училиштата. Факт е и дека со години наназад не било инвестирано во изградба на нови училишта и реконструкција и санација на веќе постоечките, но нашата заложба е да ја промениме ваквата состојба и на тоа веќе работиме. Затоа целосно го менуваме начинот и методологијата за вложување во капитални инвестиции во образованието и воспоставуваме планско градење според реалните потреби, рече Царовска.

Истражувањето е направено врз основа на увид во состојбата во 48 училишта од 10 општини. Еден од истражувачите на ЗМАИ, д-р Виктор Стојковски, посочи дека истражувањето им дава почетна точка на институциите во нивното работење.

– Во ЗМАИ веруваме дека оваа анализа и предложената методологија може да го подобри финансирањето на училиштата. Резултатите беа искористени за идентификување на приоритетните проекти, а направени се и акциски планови за реализација на тие инвестиции. Навистина е важно што министерката е тука, затоа што ние веруваме дека нашите анализи се само дел од системот за подобрување на условите. Само кога има соработка со институцијата, овие проекти може да се реализираат и заедно да ги подобриме условите за учење во основното образование, истакна Стојковски.

Фондацијата Отворено општество е долгогодишен партнер во изработката на квалитетни анализи и проекти за подобрување на условите во македонското образование. Според претседателката Фани Каранфилова-Пановска, резултатите јасно покажуваат дека раководните лица и вработените во училиштата и општинската администрација вложуваат максимални напори со цел подобрување на условите во основните училиштата, но средствата со кои тие располагаат не се доволни за обезбедување рамномерен развој и настава која ќе ги следи модерните трендови.

Дијалогот помеѓу институциите и истражувачка јавност продолжува во насока на подобрување на начинот на финансирање на училиштата и подобрување на условите за сите деца. Она што е истакнато е напредокот во однос на носителите на одлуки во образованието, во насока на изнаоѓање решенија, за подобрување на условите.