Царовска: По 12 години дискусии за првпат од јануари воведуваме кариерен развој за наставниците


Министерката за образование и наука Мила Царовска денес на пратенички прашања рече дека во Министерството за образование и наука во моментов се разговара за системот на вработување на наставниците.

„Да не заборавиме, наставниците беа држени постојано на кратко ланче од претходната власт, на 10 часа, 3 часа, 5 часа, во 10 школи по еден час, сé со цел да бидат присилени на следните избори да гласаат. Ние тоа го менуваме. Наставниците мора да имаат стабилна работа, наставниците треба да се чувствуваат сигурно, наставниците треба да имаат кариерен развој“, рече Царовска.

Министерката посочи дека за првпат после 12 години дискусија за кариерен развој на наставниците во основно образование, вчера владата предводена од премиерот Зоран Заев донесе одлука за распределба на наставници ментори и утврди буџетски средства.

„Претседателе, 12 години ги лажеа, дискутираа, ставаа во Колективен договор и никогаш не издвоија финансиски средства за да ние можеме да имаме кариерен развој на наставниците. Тоа ние ќе го направиме наредната година. Во јануари се распишува огласот и секоја општина ќе добие наставник ментор. Затоа што наставниците се срцето на образованието и ќе инвестираме како во учениците така и во наставниците“, рече министерката Царовска.

Претходно, во обраќањето, Царовска истакна дека со новата концепција за основно образование се одговара и на уште едно барање на наставниците да имаат поголема автономија во наставата, нешто што не е пракса сега. Министерката истакна дека верува во потенцијалот на наставниците и дека заедно со нив Министерството за образование и наука ќе успее да спроведе успешна реформа.