Царовска: Ова е истото ВМРО што носеше закони ноќе

Имате рециклирани кадри на Груевски, самиот Мицкоски е кадар на Груевски. Тоа што го нуди ВМРО ДПМНЕ во програмата е нешто кое веќе е реализирано од наша страна, но тоа се должи на нивното незнаење и на фактот дека немале што да напишат, изјави потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

– Денес нема ништо ново и ништо различно од тоа, до ова ВМРО ДПМНЕ. Ние избравме Антикорупциска комисија јавно пред очите на сите граѓани. ВМРО ДПМНЕ слушавме како ги нарачува пресудите. Сега е поинаку, но тоа не можете за две години да го промените, истакна Царовска.

Таа нагласи дека СДСМ се потруди да донесе закони со кои го ослободи судството и најави дека ќе има ревизија на пет отсто од предметите.

– Судската власт е независна, затоа ние ќе создадеме услови за да може судството самото да се исправи и да се реформира, по примерот на Антикорупциската комисија. Нема да дозволиме никогаш повеќе, ниту една политичка партија да се меша во судството, потенцира Царовска.

Таа нагласи дека Законот за недискриминација не е во сила затоа што поранешниот претседател Ѓорге Иванов не сакаше да го потпише законот и друга причина нема.

– Не е точно дека не се почитувале процедурите за негово изгласување, вистината е дека Иванов не сакаше да стави потпис. Затоа истакнувам дека ова е истото ВМРО-ДПМНЕ кое носеше 200 закони за 12 часа и тоа ноќе, ова е истото ВМРО ДПМНЕ кое донесе Закон за прекин на бременоста во рок од три дена, истакна Царовска.

Таа потенцира дека граѓаните лесно можат да направат разлика, бидејќи СДСМ секогаш важните закони ги носи во консултации со јавноста, експертите, и со засегнатите.

– Сите сега во ВМРО ДПМНЕ се обидуваат да покажат нова слика, но истите се, изјави Царовска, која заедно со Никола Димитров е носителка на изборната листа на кандидати за пратреници на колаицијата Можеме во Првата изборна единица.