Царовска: Новите предмети ќе се викаат „Човекот и општеството“ и „Историја и општество“


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, рече дека се новата интегрирана концепција за реформи во основното образование, ќе се родат два нови предмети.

Како што појасни Царовска, интегрираниот предмет по општествени науки од прво до трето одделение ќе се вика „Човекот и општеството“, а од четврто до деветто „Историја и општество“.

„Ова зборува дека ние сме ги слушнале граѓаните и не сакаме нивниот страв да продолжи.  Никако оваа реформа, освен преку лажната вест, не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање. Заради тоа што интеграцијата на предмети е позната во светот. Една Британија има поврзани географија и историја, заедно ги учат. На денешната расправа во Собранието слушнавме од опозицијата дека такви дискусии се водат и денеска таму, и тоа се зрели демократии. И ние се стремиме кон тоа. И важно е да се водат дебатите“, рече Царовска.  

Ние тука не зборуваме дали некој ни ја оспорува историјата или не, зборуваме за образовна реформа, која треба да ни даде основа, да ги научи учениците да учат, нагласи Царовска.

Наставните помагала, односно учебниците треба да бидат во електронска форма, но и печатени. За таа цел, треба да се објави повик до експертите во областа да изработат учебници, кои потоа на Комисија треба да поминат филтер дали тој учебник ќе добие зелено светло да се користи во нставата.

Како што појасни Царовска во „Само интервју“, во таа комисија ќе членуваат професори од соодветните факултети, од Бирото за образование, како и од невладини организации кои работат на заштита на човековите права, за да не се провлекуваат несоодветни содржини во учебниците.

Тврди дека од септември ќе има подготвени учебници за прво и трето одделение, односно во оние генерации каде е планирано да почне реформата.