Царовска: Наставата во првите три одделенија во две смени, другите да формираат класови од 20 ученици


Фото: Б. Грданоски

Министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска истакна дека кај првите три одделенија кои доминантно почнуваат со физичко присуство, ќе може да се искористат сите потенцијали наставата да се организира во две смени, односно да се поделат учениците во групи. Останатите одделенија, појасни таа, ќе ја почнат наставата со групи помали од 20 ученици.

Царовска појасни дека учениците од прво до трето одделение почнуваат со физичко присуство заради развој на моторика, описменување и соочување првпат со образовниот систем, и ќе им биде овозможено да се искористат сите потенцијали, просторски и кадровски, да се организира наставата во две смени и да ги поделат учениците во групи.

-Од четврто до деветто одделение и од прва до четврта година првенствено тие самите треба да имаат групи помали од 20, да имаат просторни услови за сите, и да може да ја организираат наставата. Поинаква реорганзиација сега во моментов може да направи повторно зголемен ризик кај учениците и понатаму кај целото население, затоа што сепак бројката на ученици во тоа училиште укажува дека е доволно голема што ги надминува основните барања на протоколот за спроведување на настава со физичко присуство, рече Царовска на прес-конференција во одговор на прашање.

Според министерката Царовска, значајно е наставниците да се партнери во целиот овој процес, затоа што, појаснува, токму тие се основата на квалитетна настава.

-Токму затоа и денеска се сретнав со наставниците, и во континуитет ќе се среќавам затоа што тие се основата на квалитетна настава. Тие се главната алатка која ја нудиме како систем. Токму затоа сметам дека и мотивациски но и со обуки, со следење и со учество на Државниот присветен инспекторат како и со присуство на советниците кои во Бирото за развој на образование ќе се следи квалитетот на настава и одржувањето на наставните часови, рече министерката.

Единствената национална платформа за учење од далечина, како што посочи Царовска, ќе нуди можност да се гледа кој од наставниците е приклучен во колкав временски период.

-Исто така и со физичко присуство на тимови од Министерствотот за образование, Бирото за развој, Државниот просветен инспекторат ќе се следи квалитетот на наставата и присуството на наставниците. Во овој план што Владата го усвои се вели дека се води евиденција на учество на учениците во е-дневник и  за онлајн настава и за физичко присуство, се води евиденција и за присуство на наставниците на нивното работно место, рече Царовска.

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека секојдневно се следи ситуацијата од страна на Комисијата за заразни болести, која укажува дали се условите задоволени за да се почне со физичко присуство. Дури и за првите три одделенија каде се препорачува физичко присуство, Филипче посочи дека е потребна согласност од родителот.

-Од почетокот е планот да има комбиниран модел на настава. Конкретно препораката на Комисијата за заразни болести е да биде наставата онлајн со исклучоци, и самото по себе тоа укажува дека е комбиниран модел на настава, дополнително на тоа за тие одделенија кои за кои препорачуваме физичко присуство, а тое е од прво до трето одделение со согласнот на родителите, што значи дека доколку родителот не се согласи детето да биде физички присутно во училиштето, да има и онлајн модел. Тоа значи дека од почеток работиме на ваков комбиниран модел со една соодветна епидемиолошка медицинска причина за тоа. Да нема голема концетрација на ученици во училиштата на почетокот и да им се даде опција да има согласност од родителите, рече Филипче.