Царовска: Најголем дел од јавноста ме поддржува


Мила Царовска, заменик претседател на Владата за економски прашања

Не може да се предложи суштинска реформа што прави тектонски поместувања во образованието, а  таа да биде дочекана без реакција, вели министерката за образование Мила Царовска околу вревата што се крена за најавите дека ќе спојува предмети и нема да има засебен предмет историја. Според неа, ако нема реакција тоа ќе значи дека реформата не предвидува ништо суштинско.

-Секако, најголем дел од јавноста ја поддржува, особено наставниците и тоа се гледа во дневната комуникација со нив, особено со експертите по педагогија и психологија, кои велат ова не е ништо ново, бидејќи интеграција на предмети имаме до шесто одделение и сега.

Со концептот преку изборните предмети секој ученик ќе може да се профилира или да добие можност да си го креира образованието. Дванаесет години со сите меѓународни организации се работи на истражувања и добивања сознанија на кој начин треба да се реформира нашиот систем. Ова произлезе од сите анализи кои препорачуваат како треба да изгледа образовниот систем во нашата држава, изјави во „ Утрински брифинг“ министерката за образование, Мила Царовска и додава дека е нормално секоја промена да носи страв, и смета дека без проблем ќе се имплементира.

-Мора да истакнам дека многу академски професори кои се во областа на педагогијата се со нас и веруваат дека конечно е дојдено времето да се направи исчекор во нашето основно образование, понатаму средно и тие ќе бидат дел од процесите на пишување на наставните програми. Секако дека историчари, географичари, биолози, хемичари ќе ги пишуваат наставните програми заедно со Бирото за развој на образованието, изјави Царовска.

Владата, според неа, континуирано го зголемува буџетот за Министерството, а и сите меѓународни партнери кои вложуваат во образованието и главно стојат со финасиска поддршка.

-Грижа дали ќе има финансии да се спроведе реформата не треба да има. Она што до сега можам да го кажам е дека можеби за 4-5 години ни се потребни дополнителни инвестиции од 20 милиони евра кои ќе дојдат и како поддршка од надвор, вели Царовска.

-Ако направите добри наставни програми кои предизвикуваат дискусија и методите на работа бидат учење преку искуства, истражувања, на тој начин природно го поттикнувате детето да размислува. Затоа тука нема дилема дека на овој начин полека се трансформира системот. Оваа концепција ќе ги повика систе наставници по одреден предмет каде има интеграција на повеќе научни дисциплини заедно да ја планираат неделата, часот. Колективот мора да живее заедно, зошто поинаку значи само техничко образование кое не може да се примени понатаму во животот, вели Царовска и додава дека наставниците кои се срцето на образовниот систем сега е важно дека добиваат право на кариерен развој.

-Учебниците се само една алатка за учење. Кога ќе почнат наставните програми да се пишуваат дури тогаш ќе треба да се отвори суштинска дебата што треба да се знае по биологија, физика… но мора да повторам учебникот нема да биде основно средство за работа, тоа ќе биде само материјал во кој што вие повторувате одредено знаење кое треба да го стекнете. Треба да се истражува, чита, насочени и кон друга литература која ќе ви го збогати образованието, рече Царовска и додава дека совршен систем многу скоро нема да има, но потребно е да почне да се гради.

-Во овој процес секој треба да го искаже своето мислење и став. Се она што е издржано ќе се прифати. Важно е дека педагозите и психолозите креираат концепти на учење. Сега сме во фаза на на концепција, додаде министерката.