Царовска: Над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава


На ниво на цела држава, 90,2 отсто успешно следат онлајн настава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната работна посета на Општина Прилеп.

„За останатите девет проценти, наставата се следи преку телевизија, но и со доставување на печатени материјали до учениците. Благодарност до Националната радиотелевизија заради тоа што овозможи 15-минутни часови да се одвиваат и на телевизија. Како МОН сме задоволни од моделот на настава којшто се избра заедно со Владата, а тоа е комбиниран, дел со физичко присуство дел со онлајн настава“, изјави Царовска.

Во наредниот период следува оценувањето на учениците, а до 20 ноември треба да се утврди и првото тромесечје. Царовска укажа дека и наставниците и учениците ќе имаат поддршка за  сите предизвици коишто ќе се јават.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски изјави дека на територијата на општината не се забележани потешкотии во изведувањето на наставата од далечина, додека наставата со физичко присуство се одвива соласно протоколите. 

Министерката Царовска и Градоначалникот Јованоски изразија огромна благодарност до компаниите коишто преку донации обезбедуваат уреди за учениците и наставниците. 

Денес компанијата „Витаминка“ и продукцијата „Охо“ и „Преспав“ обезбедија 100 таблети. Од нив 50 се донација за ученици од социјално ранливи семејства во Прилеп, а останатите 50 за ученици од Битола.