Царовска на онлајн-состанок со градоначалниците и директорите: Наставата се одвива успешно, во тек се реформски процеси


Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн-состанок со градоначалниците и директорите на училиштата разговараше за текот на наставата и за реформските процеси во образованието коишто се во тек. Беше заклучено дека воспитно-образовниот процес во учебната 2020/2021 година се одвива успешно, со почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.

– Наставата се реализира успешно, кај учењето од далечина над 90 проценти од учениците следат онлајн-настава. Континуирано се намалува бројот на ученици кои немаат технички услови, за што придонесува заедничкиот ангажман на МОН, локалните самоуправи, училиштата и компаниите кои покажуваат општествена одговорност, нагласи министерката Царовска.

Како што информира МОН, директорите на училиштата посочија дека кај наставата со физичко присуство доследно се почитуваат протоколите и мерките за заштита од болеста. На тоа укажуваат и податоците од извештаите кои училиштата континуирано ги испраќаат до МОН и според кои ризикот за инфекција од Ковид-19 е сведен на минимум. Нема пренос на болеста во училиштата, а доказ за тоа е и помалку од 1 процент  активни случаи кај учениците и наставниците.

– На онлајн-состанокот се разговараше и за реформите на основното и средното образование кои се во насока на осовременување, дигитализација и постигнување подобри образовни резултати, информира МОН.