Царовска: Граѓанските организации се наш важен партнер во борбата со Ковид-19

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес учествуваше на дебата на фестивалот на граѓански организации организиран од ЦИВИКА МОБИЛИТАС. Министерката истакна дека граѓанските организации остануваат силен партнер на владата во носењето на сите важни одлуки, а тоа беше така и изминатиот период кога се носеа мерки за справување со здравствено социјалната и економска криза предизвикана од Ковид-19.

“Граѓанските организации и партнерите брзо се реорганизираа со појавата на пандемијата. Целиот изминат период со граѓанските организации и инспекторатите имавме успешна координација и тоа придонесе за заштита на работните места.
Владата покажа дека носи мерки во заштита на здравјето на граѓаните. Се прави баланс меѓу заштитата на здравјето но и течење на останатите процеси како економијата, образованието и другите процеси”, рече Царовска. 

Министерката ги повика граѓанските организации да се вклучат во креирањето и поддршката на реформските процеси за квалитетно образование. 

Оваа година фестивалот е во насока на придонесот што граѓанските организации го дадоа во борбата со Ковид-19 и многу е важно да се прикаже солидарност.
Денес на фестивалот се обратија Елизабета Георгиевска, сопруга на претседателот на Република Северна Македонија која е покровител на фестивалот и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада.