Царовска го посети средното уметничко училиште


Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес по повод стартот на второто полугодие го посети средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје. Наставата во ова училиште се одвива со физичко присуство и е прилагодена на практичната настава на учениците.
 

Царовска на состанокот со директорот на училиштето Филип Фидановски истакна дека МОН според препораките на Комисијата за заразни болести ги обезбеди сите услови за непречена реализација на наставата во време на пандемија.

„Веќе воспоставениот хибриден модел од првото полугодие се покажа како успешен и наставата продолжува по истиот модел. На овој начин се обезбедува континуитет на наставата во второто полугодие по веќе воспоставениот успешен модел од првото полугодие што е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје“, рече Царовска.

Директорот Фидановски рече дека дава целосна поддршка на реформските процеси во основното образование, бидејќи, како што кажа, со нив образовниот систем се прилагодува на оние во најразвиените земји од светот и од Европа.

Посетата беше искористена за да се видат условите за настава во училиштето и да се поразговара за можни инвестиции.