Царовска: Бојкотот на наставата нема да помогне, треба здравјето да го заштитиме

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на прес-конференција истакна дека од суштинско значење за образовниот е да не дозволиме да го загрозиме јавното здравје што дополнително може да ја отежне учебната година. 

„Деновиве има родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн наставата и бараат настава со физичко присуство. Јас ги разбирам, но мораме сите ние да разбереме дека одлуките кои ги донесе комисијата се во интерес на јавното здравје и заштита на здравјето на сите нас. Ако одлуката која ја донела комисијата е дека нема услови во училиштето за физичка настава, тоа е во интерес токму на заштита на здравјето на децата и родителите. Апелирам до родителите да ја почитуваат таа одлука. Да разберат дека бојкотот не носи никому добро, а одлуката која е донесена не е заради ничија желба или хир, туку заради препорака на здравствените власти која мора да ја почитуваме“, рече Царовска.  

Министерката ги повикува општините, наставниците, родителите и сите учесници во образовниот процес  на соработка, бидејќи заедничката цел на сите е заштитa на  здравјето на децата, а истовремено и овозможување на процесот на учење и на развивање. 

„Ова бара труд и напор, но целта е премногу значајна за да не соработуваме или да не си помагаме. Ајде заеднички да ги надминеме почетните предизвици за да што побрзо се прилагодиме и започнеме со учење“, рече Царовска.