Царинската управа заплени обврзници со вредност од 92 милиони долари

Хартиите од вредност се пронајдени кај патник, турски државјанин кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и се определил да помине на зелен канал, но при контролата обврзниците биле пронајдени во четири папки во црна рачна торба


 

Рекордна заплена на хартии од вредност од 92 милиони долари имале цариниците на Меѓународниот аеродром Скопје. За ова денес на вонредна прес-конференција извести директорот на Царинската управа Стефан Богоев, кој објасни како дошло до откривањето на лицето кое сакало да влезе во земјава со обврзници сместени во неколку папки и во рачна торба. 

„Царинските службеници од Царинската испостава Аеродром Скопје на 28 минатиот месец на влез во државата запленија 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност од 92 милиони долари“, рече на прес конференцијата Богоев.

Тој додаде дека обврзниците се пронајдени кај патник, турски државјанин кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и се определил да помине на зелен канал односно дека нема стока за пријавување, но при контролата со скенер и дополнителната детална контрола овие хартии од вредност се пронајдени во четири папки во црна рачна торба.

Богоев посочи дека Секторот за контрола на истраги веднаш почнал со истражни дејствија, односно биле извршени службени разговори и прибирање на дополнителни докази како и дека биле известени и консултирани релевантните национални и меѓународни институции вклучително Интерпол и СЕЛЕК.

„Согласно Законот за царинско работење и Законот за прекршоци, Царинската управа поднесе соодветна пријава до надлежниот суд. По завршената судска постапка, Основниот суд Скопје денес донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна глоба врз основа на Законот за девизно работење“, рече Богоев.

Тој објасни дека обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

„Истрагата и од страна на Царинската управа продолжува со отворање на финансиска истрага во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво со цел расветлување на случајот и докажување на евентуален обид на измама или спречување на перење на пари“, рече Богоев, нагласувајќи дека целиот случај се следи со особено внимание имајќи го во предвид трендот во светот обврзниците да се користат за перење на пари.

„Сакам да истакнам дека Царинската управа во рамки на своите приоритети за заштита на општеството и безбедноста на граѓаните, е цврсто посветена на борбата против криминалот и спречување на нелегалната трговија“, рече Богоев.