Царинската управа домаќин на меѓународна работилница за борба против пиратерија


Царинската управа од денеска е домаќин на тридневна работилница која се одржува во Скопје како дел од подготвителните активности на операцијата  „Балкан гејт 2”, организирана од Светската Царинска Организација, под покровителство на Јапонската фондација за царинска соработка (CCF Japan).

-На работилницата учествуваат претставници на царинските и други истражни органи од девет земји од Европа и тоа од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Италија, Косово, Малта и Романија, како и високи претставници на Светска Царинска Организација, ЕУРОПОЛ и Јапонската фондација за царинска соработка, информира Царинската управа.

Операцијата „Балкан гејт 2” опфаќа откривање и спречување на трговија со фалсификувани и пиратски производи, а истовремено се фокусира и на сите стоки што можат да претставуваат закана за здравјето и безбедноста на потрошувачите.

-Илегалната трговија со фалсификувани и пиратски стоки предизвикува значителни штети,  како што се губење на буџетски приходи, нелегална конкуренција и загрозување на здравјето на граѓаните во случај на нелегална трговија со лекови и други производи со сомнителен квалитет, нагласи директорката на Царинската управа Славица Кутиров во обраќање на конференцијата.

Од Царинската управа појаснуваат дека оваа операција има големо значење и треба да помогне на надлежните истражни и инспекциски органи подобро да ги разберат ризиците и начините на функционирање на нелегалната трговија, што во иднина ќе овозможи подобри стратегии за заштита на правата на интелектуална сопственост и управувањето со овие ризици.