Царинската управа домаќин на 14. Светска царинска конференција


Царинската управа во соработка со Светската царинска организација од 22-24 октомври годинава ќе биде домаќин на 14. Светска царинска конференција ПИКАРД.

Тема на светската конференција ќе биде „Smart borders“ за непречена трговија, патување и транспорт“ со што ќе се потврди определбата за непречено движење на стоки, патници и транспортни средства преку границите.

Анализа на големи податоци – Big Data Analytics, Координација и соработка на граници, Прекугранична Е-трговија, Специјални економски зони, Технологија на граничните премини и Намалување на протекционизмот, ќе бидат останатите теми на конференцијата.

Се очекува да присуствуваат директори на царински управи од сите континенти, претставници на академската заедница, универзитети и институти.

-Изборот на Царинската управа и на земјава за домаќини на оваа конференција е потврда на реформскиот напредок на Владата за вклучување во глобалните синџири на светската економија, модернизација на царинското работење и олеснување на трговијата, наведува Царинската управа.