Царината заплени накит Сваровски, девизи, облека, мобилни телефони…


Во текот на минатите три недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење на стока, при што привремено се задржани рачни електрични апарати и алат, накит Сваровски, облека, девизи, турбина за камион, мобилни телефони и делови за мобилни телефони и друго.

Привремено се задржани:

Девизи

– 141.000 евра, откриени при контрола на македонски автомобил, сопственост на компанија за изнајмување на автомобили, управуван од италијански државјанин, кој бил придружуван од неговиот татко, а бил пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашањето на царинските службеници колку девизни средства носите заедно со вашиот сопатник, возачот одговорил дека заедно со неговиот татко имаат 5.000 американски долари и околу 1.000 евра, но при извршената контрола на автомобилот, во памучна блуза сместена под наслонот за раце помеѓу предните седишта на возилото, биле пронајдени непријавени 157.000 евра, а во паричникот на сопатникот биле пронајдени 5.000 американски долари. Согласно Законот за девизно работење, на лицатa им се вратени 16.000 евра и 5.000 евра, износ што двајца нерезиденти можат слободно да го изнесат од државата, додека останатите 141.000 евра се привремено задржани, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

– 10.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. На прашањето на царинските службеници дали има нешто да пријави, возачот одговорил дека нема ништо, но при извршената детална контрола, во црна кожна ташничка, завиткани со бела хартија, биле пронајдени три купчиња со пари во вкупен износ од 20.000 евра, за кои возачот не поседувал никаков документ за нивно потекло. Согласно Законот за девизно работење, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да ги изнесе од државата, додека останатите 10.000 евра биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка.

Рачни електрични апарати и алат

– 2624 парчиња разни рачни електрични апарати и алат, откриени од страна на мобилните царински тимови, при детална контрола на македонски камион натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 2. Непријавената стока, која не била опфатена со царинската декларација, е привремено задржана, а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 Турбина за камион

– 1 парче употребувана турбина за камион, откриена при контрола на бугарски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавената турбина, пронајдена зад возачкото седиште на камионот, е привремено задржана, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

 Накит

– 248 парчиња накит Сваровски (239 ланчиња и 9 нараквици), откриени при контрола на швајцарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавениот накит, пронајден во багажниот простор на возилото, е привремено задржан, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

 Облека

– 37 пара женски панталони и 78 парчиња женски блузи, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавената облека, пронајдена на креветот покриена со ќебе и во полиците над контролната табла од возачката кабина, е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 226 парчиња облека (шорцеви, бермуди и маици), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена во близина на клучката за Марвинци. Производите, за кои возачот не поседувал документ за потекло и платени увозни давачки, биле пронајдени во најлонски кеси сместени на задното седиште и багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 82 парчиња разна облека (машки панталони и горни дресови, машки и женски ташни, женска долна облека, фустани и наметки за плажа, детски фармерки, тренерки и комплет дресови), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавената облека, пронајдена во багажниот простор, сокриена под куфер, е привремено задржана, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Мобилни телефони и делови за мобилни телефони

– 7 мобилни телефони и 40делови за мобилни телефони (батерии, екрани и заштитни фолии), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во преградата под потпирачот за рака меѓу предните седишта и во најлонска кеса сместена во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка

 Друго

– 330 парчиња пластични розетни, откриени при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на редовната линија Белград-Скопје, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените розетни, пронајдени во картонска кутија сместена во багажниот простор наменет за патни торби, се привремено задржани, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

– 274 парчиња ралични козметички производи (вештачки трепки, лепак за трепки, римел и течна пудра), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавената стока, пронајдена во патнички торби сместени во багажникот на возилото, е привремено задржана, а против возачот е покрената прекршочна постапка.