Cамоизолацијата тешко им паѓа на нашинците во Италија


Македонските државјани во Италија се соочуваат со најтешките моменти од престојот на Апенините откако коронавирусот ги загрози животите на десетици илјади граѓани, а околу 1.000 веќе се мртви. Семејство од Делчево кое е во самоизолација во Северна Италија за МИА раскажува дека 24 часовниот режим на изолација тешко се поднесува. Во местото каде живеат починал 51 годишен ветеринар, додека ситуацијата како што велат е најлоша во Ломбардија, Милано, Пиемонте, а почнува да се влошува и во Венето.
-Тука веќе има мртви од вирусот, во Изола Д’Асти почина ветеринар на 51 година. Во моментот имаме забрана за излегување од дома без потреба, освен за итни работи. Освен продавниците, не работат баровите, пицерии, ресторани. Забранета е комуникација со лица, застанување и шетање без причина. Забранети се сите јавни собири.
Тешкиот карантин како што додаваат трае 24 часа, секој мора да биде дома, за да не се шири и пренесува вирусот.
-Посебно Северна Ломбардија и Пиемонте се во хаос, почнува да се влошува ситуацијата и во Венето. Училишта, градинки и факултетите не работат. На секои две минути на телевизијата повторуваат: Седете дома не излегувајте без потреба и мијте раце со сапун и вода. Има големи редици во супермаркетите, се влегува еден по еден, откако едниот купувач ќе излезе. Има продукти, се празнат рафтовите бргу, но се врши дотур на роба. Карабинери шетаа по улиците нон-стоп со автомобилите, додава делчевското семејство кое е во самоизолација.
Меѓу останатите мерки кои се преземаат велат дека е забрането возење и одење без потреба на работа.
– На работа одат само оние кои имаат документ од фирмата. Во однос на купувањето можеш да одиш да купиш цигари, леб и основни продукти за јадење и без задржување и правење муабет на растојание еден од друг на два метри и забраната како што кажа претседателот Конте трае до 3 април, велат тие.
Како што додаваат Австрија ја затворила границата, исто и железницата не работи, додека Словенија има поставено ѕидови на влезот со Италија.