Цаца-Николовска: Има основа за ново обвинение против Дурловски


Основа да се покрене ново обвинение против Игор Дурловски по сведочењето на Александар Василевски – Нинџа има, но никој не верува дека тоа ќе се случи. Никој не очекува, исто така, Дурловски од морални причини да се повлече од местото носител на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица, откако Нинџа на сведочењето во судот кажа дека тој бил фиктивен водач на протестите и дека сето тоа го правел за пари.

„Ако неговото обвинение се засноваше само на учество во протестот, за држењето говори, без да се  вклучи тоа дека земал пари за да го подготвува влегувањето во Собранието, тогаш таа одговорност треба да се утврди и да има друго обвинение“, смета судијската Маргарита Цаца-Николовска.

Експерти што го следат судењето за 27 април велат дека, ако ништо друго, Дурловски треба да одговара за перење пари, но не очекуваат тоа да се случи, иако со пресудата што ја доби глумејќи патриот на судењата испадна и жртва, па граѓаните сега ќе му ги платат сите потрошени пари за судските трошоци.

Како што е познато, Василевски вчера во судот тврдеше дека Дурловски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски биле платени да глумат водачи на протестот на „За заедничка Македонија“ со кој требало да создадат услови да се прогласи вонредна состојба, а со тоа да се спречи смената на власта. За таа цел во ВМРО-ДПМНЕ биле собрани 200.000 евра од провизии, кои биле дадени на тројцата фиктивни патриоти и за други трошоци околу протестот.

„Тие секој ден доаѓаа да добиваат инструкции што да му зборуваат на народот и каде да се движат“, сведочеше вчера Василевски.

Колку точно зел Дурловски, Василевски не кажа, но ова сведоштво зборува најмногу за моралниот лик на можниот иден пратеник, кој кампањата ја почна со порака дека „патриот се раѓа“.

„Зборот патриот, за жал, во последно време е многу експлоатиран и на некој начин дел од луѓето сакаат да го испоганат. Но, не знам најверојатно човек – патриот се раѓа“, изјави тој во телевизиско интервју пред неколку дена, мислејќи на себе.

Сега сведоштвото ја стави под прашалник одбраната на Дурловски и покажа дека била лажна, иако на неа почиваше образложението зошто единствен од сите обвинети доби ослободителна пресуда. Како обвинет Дурловски му порача на судечкиот совет, кога ќе ја носи пресудата  да се запраша дали навистина држел потпалувачки говори и дали се коцкал со државата за материјални побуди. Според неговите зборови, на 27 април само ја пеел химната, потоа заминал на ракомет со неговиот син, а кога видел дека има „гужва“ во Собрание, се вратил назад.

„Дурловски ја пеел химната, бил во Собранието на 27 април, но не презел никакви дејствија“, ја  образлагаше на истиот начин пресудата судијката Добрила Кацарска. Граѓаните, пак, вчера го прашуваа масовно колкава е цената на неговиот патриотизам.

Најголемиот судски предмет за така наречениот „крвав четврток“ во Собранието започна против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, а согласно Законот за амнестија донесен во декември 2018 година беа амнестирани и склучени од обвинението 15 обвинети. Останатите добија над 200 години затвор, освен Дурловски кој од државата ќе добие оштета и двапати ќе си го наплати лажниот патриотизам. (Н.В.)