Бузаку: Имам докази дека Реџепи ги злоупотреби парите на верниците


Се заострува битката за челната позиција во Исламската верска заедница. Поглаварот Сулејман Реџепи одбива да се повлече по ултиматумот што му го постави Скендер Бузаку, одговарајќи оти не сака да се занимава со гејови. Од друга страна, претендентот за водечкото место во ИВЗ најавува дека „понудата“ до Реџепи важи заклучно до денеска во 11.30 часот, а во спротивно јавноста ќе слушне за криминалите што поглаварот ги вршел со парите од верниците.

Овде сме да доделиме халал-сертификати, со геј не се занимавам. Гејовите подалеку од ИВЗ“, порача вчера Реџепи однесувајќи се или глумејќи надменост во целата ситуација.

Потоа пред новинарите го испрати соработникот Муарем Вејсели, кој во име на ИВЗ порача дека се тие луѓе кои сносат одговорност, а не луѓе од улица.

И криминалот на специјалниот јавниот обвинител се докажува во одредена постапка согласно законот. Институциите се тука и ние сме тука, сè што има некој против некого за криминал треба да пријави во полицијата и во обвинителството. Ние сме тука за сè што сме работеле и за сè што ќе работиме“, рече Вејсели.

Бузаку во изјава за „Независен весник“ одговара дека не е првпат од поглаварот на ИВЗ да слушне навредливи изјави, поради што не сакаше да ги коментира, објаснувајќи оти верските старешини треба да шират љубов, толеранција и почит, а не нетрпеливост, омраза и пцости.

Го повикувам да ја напушти ИВЗ од морални причини, затоа што објавата на документите што ги поседувам ќе биде лоша за него, но и за целокупната верска заедница и за нас како нови генерации. Не е добро да видат верниците каде завршиле парите што ги донирале. Сепак, доколку продолжи да ја узурпира ИВЗ, тогаш ќе мора да ги објавиме овие скандали. Да сумирам, сите докази секако ќе ги предадеме во обвинителството, и тоа утре во 11.30 часот. Разликата е што доколку се повлече ќе го поштедиме од срамот во јавноста. Во спротивно, сите ќе слушнат за неговите криминали. Поседувам докази за злоупотреба на финансиски средства преку позицијата што ја има, за злоупотреба на парите од таксата на верниците, како и за перење пари“, најавува Бузаку за „Независен“.

Тој во вторникот му даде ултиматум од 72 часа на Реџепи да се повлече. Всушност, ова е кулминација на битката што започна кон крајот на април годинава кога Бузаку се обиде да ја преземе ИВЗ, тврдејќи дека поседува валидна судска пресуда дека тој е новиот поглавар. Место тоа, доби одговор од Реџепи дека е неверник, а првиот човек на ИВЗ немаше убави зборови ниту за судијката што го потпишала решението, изјавувајќи оти разбрал дека е болна, а тој би немал ништо против доколку умре. Кратко време потоа, тој рече дека Македонците се див народ, па целиот хаос се пресели во Јавното обвинителство, кое отвори истрага. Бузаку рече дека се чувствува исплашен за својот и за животот на најблиските.

Драмата околу ИВЗ се пресели и во политичката арена. На неколку дена пред вториот круг од претседателските избори пролетва, Исламската верска заедница ѝ се закани на Владата дека во 700 џамии низ земјава ќе ги информира верниците за дискриминациски однос од страна на државата. За да не се случи тоа, побара од премиерот Зоран Заев и неговиот тим да добие писмен одговор за намерите и активностите во врска со реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид, статутот на верските објекти во Лажец и Хусамедин-пашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница. Добија инстант-реакција од „Илинденска“ дека Македонија е секуларна држава, поради што извршната власт нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници.

По неколкумесечното затишје, се случи вторничкиот ултиматум на Бузаку, а наредните денови ќе видиме како ќе се рефлектираат најавените „бомби“ против Реџепи, имајќи предвид дека е јасно оти не планира самиот да се повлече.

Арменде Мурсели

Горан Адамовски