Бутарис: Договорот од Преспа мора да се почитува


Грција– Кога имаш еден договор, очигледно е дека треба да се почитува, освен ако и двете страни се согласуваат дека постои проблем и треба да го смениме, изјави солунскиот градоначалник Јанис Бутарис за радиото „Сто кокино“.

Солунскиот градоначалник во заминување, во интервјуто говори за средбите со државниот врв во Скопје во петокот и ги пренесува впечатоците, потенцирајќи дека тие минале во убава атмосфера.

Бутарис вели дека лично не стравува оти е можно да не биде почитуван Договорот од Преспа,

– Не се плашам за тоа дали ќе се почитува договорот. Затоа што не може да не се почитува, потенцирам дека тоа е меѓународен договор. Прашањето е како ќе се надминат некои тешкотии што произлегоа, како што е карактеризирањето на трговските ознаки. Ова не е нешто што завршува лесно, истакна градоначалникот на Солун, чиј мандат завршува на 31 август.

Бутарис на средбите во Скопје, во однос на Договорот од Преспа, ја споменал и изјавата на министерот за одбрана на Грција дека „станува збор за меѓународен договор и треба да се почитува“. Паралелно, изразил мислење дека Грција нема да ја блокира Северна Македонија на патот кон ЕУ.

– Мислам дека она што многу ги интересира, е која ќе биде позицијата на Грција кога ќе дојде време да влезат во Европската унија, односно да почнат преговори со Европската унија. Мислам дека таму нема да има проблем, оцени Бутарис во интервјуто за радиото „Сто кокино“