Бура во регионот околу наводниот нон-пејпер на Јанез Јанша


Јанез Јанша е на нож со оние медиуми кои го критикуваат

Словенечкиот премиер негира дека испратил нон-пејпер до претседателот на Европскиот совет, во кој наводно се предлага поделба на БиХ, Македонија, Косово и Црна Гора

 

Портпаролот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека не можат да потврдат постоење на нон-пејпер предаден од страна на словенечкиот премиер, Јанез Јанша како што јавија повеќе медиуми во регионот.

„Не можам да потврдам дека го добивме тој нон-пејпер, кусо одговори портпаролот на Мишел иако неколку часа претходно од прес-службите на Мишел стигна потврда за постоењето на нон-пејперот.

Наводите за содржината во овој фантомски нон-пејпер за „финализирање на распадот на поранешна Југославија“ се неверојатни – наводно во него станувало збор за мирна поделба на Босна и Херцеговина, но и на Македонија, Косово и Црна Гора.

Јанша ја демантираше оваа информација, а европратеничката од Словенија, Тања Фајон, изјави дека стратегијата на словенечкиот премиер може да доведе до „нова војна на Балканот“.

Словенија треба да го преземе претседателство со ЕУ на први јули оваа година.

Босанските медиуми објавија во понеделникот (12 април) дека амбасадорката Зорица Букинац била повикана поради овој наводен нон-пејпер.

Жеjко Комшиќ, хрватскиот член на претседателството на БиХ, во понеделникот за локалните медиуми потврди дека словенечкиот претседател Борут Пахор прашал во неформален разговор за време на официјалната посета на 5 март дали „можна е мирна поделба во БиХ“, осврнувајќи се на отцепувањето на Република Српска.

„Неодамна, сѐ повеќе се слушаат гласови во Европа кои велат дека распадот на Југославија треба да се заврши. Можеш ли мирно да се распушти БиХ?“ – тоа наводно било прашањето што Пахор им го поставил на членовите на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ.

Комшиќ рече дека тој и Џаферовиќ, бошњачкиот член, одговориле дека ова не е можно, додека српскиот член Додик го дал спротивниот одговор.

„Претседателот Пахор редовно предупредува на идејата за распаѓање на БиХ и прекројување на границите на Западен Балкан. Во тој контекст, од загриженост за овие идеи, тој го постави ова прашање на своите соговорници, сите тројца членови на Претседателството на БиХ, кога го посети Сараево на почетокот на март“, објави канцеларијата на Пахор.

Но, весникот 24ur.com од Словенија објави дека „изворите ни потврдија веќе неколку дена дека постои голема можност овој таен документ да постои, но дека е испратен целосно надвор од утврдените дипломатски канали“.

„Исто така, научивме дека тоа не го виделе ниту врвните словенечки претставници во Брисел. Нашите извори дури тврдат дека документот се однесува и на враќање во земјата на поранешниот премиер на Северна Македонија Никола Груевски“, се вели на словенечката веб-страница.

Словенија треба да го преземе претседателство со ЕУ на први јули оваа година.  (Н.В.)