Бура во Брисел по нападите на Јанез Јанша врз новинари на Твитер


Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, ги крена на нозе илјадниците дописници и новинари откако лично нападна две жени новинарки преку Твитер, Европската комисија денеска експлицитно ги осуди неговите изјави, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Јанша, кој во стилот на Доналд Трамп, директно се пресметува со медиумите и новинарите преку социјалната мрежа Твитер, овој пат директно таргетираше жена новинарка, дописничка од Брисел на угледниот „Политико Европа“.

Лили Баер, долгогодишна новинарка која покрива теми како владеењето на правото, Унгарија и источна Европа, објави исцрпна анализа на состојбата со медиумите во Словенија кои со месеци се под постојани напади од страна на владејачката партија и премиерот Јанез Јанша.

Јанша на Твитер ја нарече Баер платеничка на левицата, а потоа директно ја нападна и дописничката на „Њујорк тајмс“, Матина Стевис, исто така долгогодишна новинарка.

Од вчера дописниците во Брисел бараат јасна осуда од страна на институциите на ЕУ за овие напади, и против дописниците во Брисел и против новинарите во Словенија, посебно со оглед на тоа дека Словенија треба да го заземе претседателството со ЕУ од први јули оваа година.

Реакции пристигнаа од „Репортери без граници“ и други невладини организации што се занимаваат со слободата на медиумите и заштитата на новинарите.

Кристијан Виганд, портпаролот на еврокомесарката за правда Вера Јурова, потсети дека ставот на ЕК е јасен: независните и слободни медиуми се вредности на ЕУ и нивната работа е да бараат отчет од политичарите, рече Виганд повикувајќи се на изјава на Јурова дадена пред една година.

„Заштитата на новинарите е приоритет, не за омраза, не за закани, не за лични напади врз новинарите, оваа изјава останува важечка“, рече портпаролот.

Ерик Мамер, портпарол на претседателката Урсула фон дер Лајен, додаде дека таа стои целосно зад оваа изјава и експлицитно ги осуди нападите на словенечкиот премиер.

„Ги осудуваме сите навредливи изјави кон новинарите, вклучително и во овој случај, нема никаков сомнеж за тоа“, изјави Мамер.

Останува прашањето како овие осуди ќе се одразат конкретно за премиерот и за словенечката влада, со оглед на тоа дека слободата и плурализмот на медиумите се главно национална надлежност, а не европска.

Новинарите на денешниот брифинг во Брисел прашаа дали е можна прекршочна процедура против Словенија поради влошената состојба со медиумите, но овие процедури се секогаш бавни и речиси е неверојатно дека ќе може да се отвори пред да започне словенечкото претседавање со ЕУ.

Портпаролот за правда, Виганд, сепак увери дека ова ќе биде значаен дел од претстојниот извештај на ЕК за состојбата со владеењето на правото во земјите членки на ЕУ. За првпат медиумите ќе бидат вклучени во овој извештај оваа година.

„Извештајот за Словенија покажува дека вознемирувањето на новинарите е често и дека заканите не се санкционираат“, потсети Виганд и додаде дека Комисијата е во „постојан дијалог со словенечките власти“ на оваа тема.

Виганд нагласи дека ЕК е решена да го зголеми своето делување во делот на заштитата на новинарите што треба да се одрази во претстојниот извештај.