Бунт во ЕПП по негативните изјави на Берлускони за Зеленски

Собирот во Неапол е под знак прашање. Повеќе национални делегации нема да одат ако Берлускони биде таму


 

Шефот на европските конзервативни партии во вторникот се соочи со внатрешен револт поради коментарите на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони кој го критикуваше претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Политичарите од девет земји ги критикуваа коментарите, а неколку рекоа дека планираат да го бојкотираат претстојниот собир на конзервативците во Неапол, Италија, доколку Берлускони присуствува.

Берлускони, 86-годишен обожувач на рускиот претседател Владимир Путин, чија партија Форца Италија припаѓа на пошироката групација на Европската народна партија (ЕПП), предизвика гнев во текот на викендот кога изјави за италијанските медиуми дека Зеленски можел да ја избегне руската инвазија ако не ги нападнел „двете автономни републики во Донбас“ во Украина. Берлускони исто така рече дека го оценува „многу, многу негативно однесувањето на овој господин“.

Коментарите ги налутија другите членови на ЕПП, чија официјална линија е цврста поддршка за Украина против руската агресија, предизвикувајќи криза во најголемата политичка групација во ЕУ, чии членови се претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателката на парламентот Роберта Мецола.

Гневот зовре за време на собирот на националните делегации на ЕПП во Стразбур, при што претставници од Полска, Естонија, Литванија, Ирска, Чешка, Португалија, Шведска, Луксембург и Белгија станаа да ги критикуваат коментарите на Берлускони и го повикаа шефот на ЕПП Манфред Вебер да зборува јавно против нив, рекоа луѓето со директно знаење.

„Путин го користи не само источниот фронт. Тој ги користи сите средства за да ги активира сите соработници што може на западниот фронт“, рече Раса Јукневичиене, пратеник од Литванија. „Многу делегации нема да одат во Неапол доколку Берлускони е таму“.

Друг пратеник го спореди Берлускони со унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека Анджеј Халицки, кој ја предводи полската делегација, ја повтори таа линија, велејќи дека е „неприфатливо“ Берлускони да остане на чело на Форца Италија. Антонио Тајани, исто така од Форца Италија, е вицепремиер и министер за надворешни работи во владата на италијанскиот премиер Џорџија Мелони од партијата Браќа на Италија.

Бунтот му создава главоболка на Вебер, кој се обидува да создаде зближување со владата на Мелони во обид да ја прошири базата на ЕПП пред изборите за Европскиот парламент во 2024 година. Бесот поради Берлускони предизвикува негативно внимание на Форца Италија, која е мостот на ЕПП во Владата на Мелони.

Претставник на Вебер немаше моментален коментар за бунтот. Но, според луѓето со директно познавање на дебатата, Вебер станал да одговори на критиките, велејќи: „Имаме проблем Берлускони, но не и со Форца Италија. Во утрешната пленарна дебата, ќе бидам целосно јасен за нашата линија за Украина. Треба да забележиме и дека изјавите на Мелони ни беа поблиски отколку на Берлускони. Канцеларијата на Мелони нагласи дека Рим ја поддржува Украина“.

Вебер не кажа дали средбата во Неапол ќе се одржи и дали Берлускони ќе присуствува. (Политико)