Бундестагот наесен ќе одлучува за датумот


Потврда дека германскиот Бундестаг ќе одлучува наесен за добивањето датум за преговори со ЕУ вчера стигна и од пратеничката група на германскиот парламент која беше во Скопје. Шефот на германската делегација Јосип Јуратовиќ кажа дека до состанокот на Советот на ЕУ на 18 јуни ќе нема одлука од германска страна.

„На првата седница тоа не беше ставено на дневен ред, следната ќе биде на крајот на јуни, значи по Советот на ЕУ, потоа следуваат годишните одмори. Првата наредна седница на која ќе дебатира германскиот парламент ќе биде за буџетот, тоа значи дека следната на која би било ставено ова прашање на седница на Бундестагот е крај на септември или почеток на октомври. Јас сум свесен дека оваа одлука се донесува 15 години подоцна, но станува збор за еден процес на започнување на преговори, тоа не значи членство, но е процес кој е многу значаен за демократијата и развојот на демократските институции“, изјави германскиот пратеник Јуратовиќ.

Според него многу е значајно за Македонија и Албанија да започне процесот за пристапни преговори.

„Република Северна Македонија многу вложи, многу постигна во изминатата година, таа е светлото кое што постои во тунелот, таа претставува еден проект на мир бидејќи покажа со соработката и со пронаоѓањето на компромис во решавањето на прашањето со соседните земји дека таа е всушност е еден проект на мир, и дека таа многу демократски се однесуваше во изнаоѓање на решение во спорот за името. Ова го зборувам лично и во име на мојата група, но сметам дека тоа е и мислењето на Бундестагот дека РСМ е пример во регионот, и дека треба да биде наградена и да биде пример“, рече Јуратовиќ, кој е убеден дека Бундестагот ќе даде зелено светло за Македонија бидејќи таа тоа го заслужила.

Германската делегација седна на маса и со претседателот на Собранието Талат Џафери и групата пратеници за соработка со Германија предводена од Влатко Ѓорчев.

Џафери, како што соопштија од неговиот кабинет, изразил искрена благодарност до Бундестагот за ратификацијата на Протоколот на нашата земја за членство во НАТО и ги информирал пратениците дека досега 17 земји го ратификувале пристапниот протокол.

Пратениците од германскиот Бундестаг се сретнаа и со претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски и Шпреса Хадри од Комисијата за европски прашања.

По средбата Милошоски рече дека истакнале дека датумот за отпочнување преговори доцни десет години откако во 2009 година ја добивме првата препорака и оти граѓаните го залужуваат тоа за интеграција во Европа.