Бундестагот ја крева рампата на 26 септември?


Германскиот парламент се подготвува за расправата за извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Пратениците, според информациите на „Независен весник“ од Бундестагот, на 26 септември ќе одлучуваат дали ќе ѝ дадат зелено светло на земјава за почеток на преговорите со ЕУ. Нашите извори велат дека можно е ден претходно темата да биде на дневен ред на седница на Комитетот за европски прашања, кој, според процедурата, дава препорака до Бундестагот.

Како меѓусекторски комитет, тој се занимава со фундаментални прашања поврзани со европската интеграција, институционални теми и прашања за проширувањето на ЕУ. Затоа има посебни овластувања и го сочинуваат 39 члена. Дел од нив се членови на Бундестагот, дел на Европскиот парламент.

Сигналите од Берлин се охрабрувачки, но засега никој не дава стоотстотна гаранција дека рампата ќе биде крената. Според информациите, сè уште виси и дилемата што да се прави со Албанија. Дали таа да оди во пакет со Северна Македонија или да се стопира на европските шини и да чека некој нареден воз.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, по неодамнешната посета на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров на Берлин, рече дека не гледа никакви пречки за почеток на преговорите со Северна Македонија.

„Она што беше сторено во реформскиот процес е забележително. Предусловите за почеток на преговорите се исполнети и затоа се залагаме за нивно започнување – како во Бундестагот така и кај нашите партнери во ЕУ“, рече Мас.

Пред одлучувачкиот самит на ЕУ остануваат уште 30 дена. Македонската дипломатија интензивно ги користи последните денови за да ги убеди земјите членки дека 18 години по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација, 14 после кандидатскиот статус, конечно заслужуваме почеток на преговорите. Димитров за една недела ги посети Париз, Брисел и Берлин.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера беше во Брисел, каде што имаше средба со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. По Брисел, и тој заминува во Берлин, а потоа и во Варшава.

„Се наоѓаме буквално на 30 дена од големата одлука за старт на преговорите, со што ќе се стави точка на заедничките напори изминативе две и пол години, за враќање на европската агенда во Република Северна Македонија, како и враќање на процесот на проширување високо на агендата на Унијата“, рекол Османи на средбата, пренесувајќи ја благодарноста на владата за несебичното залагање на Могерини за севкупниот успех на овој процес.

Според него, во овој краток период што претстои херметички ќе се затворат сите евентуални можности за изговор или скептицизам кај земјите членки, и со тоа „заслужено ќе ја обезбедиме одлуката за старт на преговорите“.

На средбата со Могерини, Османи реферирал и за последните актуелности во земјава особено во областа на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција.

„Без разлика што не претставува формален услов за одлуката во октомври, владеењето на правото останува наш постојан бенчмарк за кој ве уверувам дека нема да има никакви отстапки, ниту од аспект на институционалната поставеност за борбата против криминалот и корупцијата ниту по основ на континуираниот ‘трек-рекорд’, во спроведувањето на владеењето на правото“, истакна Османи.

Дел од познавачите, сепак, не ја исклучуваат можноста некои земји проблемите во владеењето на правото да го искористат како џокер за евентуалната нова „двојка“.

Abgabe einer Regierungserkl‰ung durch Bundesfinanzminister Dr. Wolfgang Sch‰uble, CDU/CSU, MdB, w‰hrend der Sondersitzung zu den ESM Krediten f¸r Spanien.
Abgeordnete, Sitzung, Europ‰ischer Rettungsschirm, EU, Euro, Finanzen, Finanzpolitik, Plenarsaal, ‹berblick, ‹bersicht
Ordnun

Франција, која веќе подолго време говори дека проширувањето треба да се разгледува заедно со прашањето на продлабочување на ЕУ, став врз кој реално немаме влијание, бара владеење на правото и продолжување на реформите. Тоа беше пораката што деновиве му беше упатена на Димитров на средбата со Амели де Моншален, државен секретар во француското министерство за Европа и надворешни работи.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Дојче веле рече дека тешко ќе биде да ни се каже „не“, но призна дека Франција останува неодлучна во однос на датумот за почеток на преговори. Процесот на донесување одлука во Париз е во конечна фаза, но сè уште нема одлука.

На прашањето што им пречи на овие земји кои сè уште не донеле одлука, Димитров рече дека во однос на домашните задачи тоа што преостанува е исходот од преговорите околу законот за јавно обвинителство.

„Сепак, не секој закон врши работа. Има земји членки што имаат црвени линии: да не се изгубат случаи, истраги, по пат од старата кон идната институција, да нема скриена амнестија, да не биде политиката таа што ќе кажува што ќе се гони кривично, а што не, туку системот: судството, обвинителството итн. Мислам дека ќе треба да бидеме многу ажурни во следниве денови и недели, да објаснуваме до каде сме и кои се разликите. Меѓутоа, атмосферата ја проценувам како исклучително позитивна“, нагласи Димитров.

Во интервјуто за Агенција Европа тој предупреди за ризиците доколку ЕУ не додели датум за старт на преговори во октомври.

„Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистички сили и популистите ќе се зајакнат, тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратегиска ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце“, изјави Димитров

Тој истакна и дека земјава целосно ја поддржува европската интеграција на Албанија, но дека не смее да бидеме жртви на логиката на ставање земји во пакети и потсетува дека процесот е заснован на индивидуална заслуга.

Туск денеска во Скопје

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска ќе престојува во посета на Скопје, каде што ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев. Мандатот на актуелниот претседател на Европскиот совет истекува на 1 декември, а на негово место ќе дојде премиерот на Белгија, Шарл Мишел. Туск нема одлучувачка моќ во Европскиот совет, туку одлуката зависи од земјите членки. Она што се очекува, велат познавачите, е тој да поттикне да се дојде што е можно почисто досие до одлуката која треба да биде донесена на самитот во средината на октомври.

Наум Котевски