Бундеслига: Во Дортмунд се очекуваат 400.000 луѓе викендов
Уште само победа против Мајнц во последното коло од Бундеслигата ќе им биде доволна на фудбалерите и навивачите на Борусија Дортмунд да ја прослават шампионската титула што ја чекаа цели десет години.
Медиумите во Германија наведуваат дека 97 отсто од хотелите се веќе зафатени за спектаклот што се подготвува ден по натпреварот. Останаа само неколку кревети, а „среќникот“ кој ќе успее да грабне еден ќе треба да издвои и до 800 евра за ноќевање. Ниту состојбата со билетите не е подобра.
За две влезници на онлајн аукции потребно е да се издвојат и до 3.299 евра, а треба да се напомене дека и дел од навивачите на Мајнц беа „со отворени раце“ и беа подготвени да се откажат од местата на стадионот за околу 800 евра.
Градоначалникот на Дортмунд, Томас Вестфал, истакна дека во градот нема да има организирано гледање на натпреварот.
„Не можевме да се договориме со Скај за користењето на сигналот“.
Сепак, најважното ќе се случи во недела. Автобусот со играчите четири часа треба да го обиколува градот каде се очекуваат повеќе од 400.000 навивачи, а на Борсигплац треба да следи вистинска експлозија и славје.
Станува збор за место кое се наоѓа во североисточниот дел на градот (4,5 километри од стадионот) каде БВБ со децении ги прославува своите најголеми триумфи со навивачите. Инаку, BVB е основана во 1909 година во ресторанот „Wildschütz“ во близина на Борсигплац и затоа ова место стана место број еден за црно-жолтите навивачи.