Бундесбанк очекува рекорден пад на БДП во вториот квартал


Германската економија во вториот квартал најверојатно ќе забележи пад без преседан во услови на пандемија, покажува извештајот на германската централна банка, Бундесбанк, објавен во понеделникот.

Вториот квартал на 2020 година веројатно ќе резултира во „најголем пад на реалниот бруто-домашен производ (БДП)“ од 1970 година, кога германскиот уред за статистика „Дестатис“ започна да објавува квартална серија на БДП, се вели во месечниот извештај на Бундесбанк.

Дестатисв четврток ќе објави првични податоци за БДП во вториот квартал, а економистите очекуваат економскиот пад да достигне двоцифрени стапки.

Во првиот квартал германската економија падна за 2,2 проценти во однос на претходниот квартал.

Најголем годишен пад на германскиот БДП од минус 7,9 проценти се случи во вториот квартал на 2009 година, во екот на финансиската криза.

Бундесбанк, сепак, влева малку надеж во последниот извештај, истакнувајќи дека „најниската точка на економска активност веројатно била допрена уште во април“.

Германската економија започна да закрепнува од средината на мај кога строгите ограничувања наметнати од властите во март за спречување на ширењето на коронавирусот полека беа укинати или олеснети.

„Економското закрепнување се очекува да продолжи и во втората половина од годината“, напишаа економистите на Бундесбанк, додавајќи дека пакетот државна помош за економијата што неодамна го усвои парламентот ќе помогне.

Германската влада утврди мерки за оваа и за следната година во пакет стимулации вреден 130 милијарди евра. Тие вклучуваат намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 19 на 16 отсто, односно од седум на пет проценти за основните производи, а нивната цел е да ја поттикнат потрошувачката, потсетува новинската агенција ДПА.