Бун: Продлабочувањето на односите меѓу Франција и Македонија е невидено досега

Целта да завршат преговорите со ЕУ во 2030 година е амбициозна, но не е нереална, изјави министерката за Европа на Франција


 

Северна Македонија го има своето место во ЕУ и европскиот пат треба да го изоди до крај. Земјата постигна голем напредок и напорите треба да продолжи, рече француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски.

„Знам дека не е секогаш лесно, но тие напори се важни за да може да се зајакне и правната држава. ФРОНТЕКС е потврда дека македонскиот јазик ќе стане официјален во ЕУ кога земјава ќе ѝ се приклучи на Унијата“, рече Бун пред новинарите. 

Таа го оцени продлабочувањето на македонско-француските односи од лани како „невидено досега“, меѓудругото и како заслуга на францускиот претседател кој работел околу Македонија и до два часот наутро, најавувајќи нова страница во соработката на двете земји. Пред сѐ сакаше да упати три пораки:

„Првата е пораката на пријателство меѓу двете земји. Ние сакаме да свртиме нова страна со Северна Македонија и да ги продлабочиме севкупните односи. Целта на мојата посета овде е да покажам доследност и посветеност на вашата земја на патот кон ЕУ. Заедно работевме на отворање на европските перспективи зашто Северна Македонија го заслужува тоа и го има своето место во рамки на Унијата. Сакаме да останеме заедно со вас во наредните етапи до крајната цел. Вашата земја го има заслуженото место во ЕУ.

Втората порака е порака на охрабрување – направивте извонредни напредоци и тоа е импресивно, за соживотот меѓу различните заедници, нормализирање на односите со соседите, но и за евроатлантската интерација на земјата. Праведно е ако се каже дека навистина направивте многу за пренесување на европското законодавство во домашното.

Третата порака е за заеднички постојан ангажман. Ќе го продлабочуваме дијалогот на сите теми особено во рамки на европската политичка заедница, ќе ги зајакнуваме и нашите економски односи, но и ќе работиме на зајакнување на изучувувањето на францускиот јазик во Северна Македонија“, рече Бун.

Како потврда колку се сменија односите на нашата држава со Франција откако претседателот Емануел Макрон стави вето на нашите преговори пред три години, таа потсети на сите договори и проекти што се во процес меѓу двете држави, од тој најважниот за купувањето на системот на противвоздушна одбрана од француска компанија, па до плановите за соработка во  дигиталната трансформација, родовата еднаквост и обновливата енергија, со оглед на тоа што еден од најголемите енергетски проекти  во оваа сфера ќе биде фотоволтаична централа  во Штип. 

Таа не пропушти да каже дека францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија бил избалансиран и дека ги зел предвид црвените линии на двете земји, а дека новата методологија за преговарање што ја иницираше Франција е со цел да се забрза а не да ја забави динамиката на евроинтеграцијата. 

„Целта да завршат преговорите со ЕУ во 2030 година е амбициозна, но не е нереална. Северна Македонија добро напредува во усогласувањето со европското законодавство. Остануваат уште уставните промени  и другите реформи што треба да се спроведат. Овде сме да ви помогнеме на тој пат“, уверуваше Бун. 

„Почнато е новото поглавје на нашиот европски пат во кое треба да се случат натамошни реформи за остварување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Шансата што ја имаме не смееме да ја пропуштиме“, порача премиерот Димитар Ковачевски. Како што рече Ковачевски, македонскиот тим е подготвен, има знаење и експертиза и ќе го заврши скринингот во предвидениот рок од 14 месеци

„Владата донесе храбри одлуки, процесот на преговорите беше мачен, но фактот дека излеговме од него како земја која се избори за своите позиции, нѐ прави посебно горди“, истакна премиерот.

Тој се осврна и на уставните измени, изразувајќи очекување дека пратениците ќе покажат, како што рече, државничко однесување и ќе го поддржат нивното донесување.

„Остануваат уставните измени. Знам дека одлуката на пратениците не е лесна, но очекувам да покажат државничко однесување. Секако дека имаат избор да остават сѐ како што било, да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но уверен сум дека ќе бидат на ниво на задачата со цел подобра иднина за сите нас и за идните генерации. Пратениците се претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ заради севкупните општествени придобивки, економскиот напредок и демократијата“, рече тој.

Прашан дали гледа промена во позициите на Франција, Ковачевски нагласи дека точно е оти Франција пред три години беше земја која што имаше различен став од голем број други држави во однос на проширувањето, но три години подоцна Франција беше државата која што практично го водеше процесот на продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

„И на вашето прашање конкретно дали е промената позицијата – да, таа е променета и самото присуство денес на државниот секретар Бун на Северна Македонија, на сите контакти коишто јас ги имав со претседателот Макрон, прво при подготвувањето на европскиот предлог за време на француското претседателство, второ на сите напори коишто ги направи членовите на неговиот кабинет на коишто исто така сакам да им изразам почит и благодарност и еден поздрав од Скопје истото тоа го потврдија и целата поддршка која што ја добиваме во моментов во текот на скрининг процесот во Брисел. Позицијата на Франција во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан во моментов е на ниво на држава која што е еден од предводниците на тој процес“, изјави Ковачевски. (С.Ј.)