Бун: Можно е проширување и пред 2030, но прво ЕУ да се реформира


 

Следното проширување на ЕУ е можно и пред 2030 година, но претходно Унијата треба да се реформира, истакна француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун на панел дискусија одржана во рамки Бледскиот стратешки форум.

Оваа порака на Бун следува по вчерашната изјава во Блед на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување во 2030 година, како и по изјавата на претседател на Франција Емануел Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори, дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето.

Според Бун, оваа изјава на Макрон не значи затворени врати за земјите кандидатки.

 

– Ние сме сега 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35, со надеж тоа да се случи што побргу. Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година, но може да биде и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси, како и земјите кандидати. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да бидеме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Тоа се нашите задачи, истакна Бун.