„Букстар 2023“: Покрај новата Агата Кристи- и Херкул Поаро во Скопје


Со големо внимание следбениците на Фестивалот BookStar ја следат програмата на годинашното издание, а особена возбуда носи вечерашниот настан, односно ексклузивната средба со Софи Хана – наречена „новата Агата Кристи“, бидејќи во 40 години е единствената авторка која беше одбрана од страна на нејзините наследници и семејство да пишува романи-продолженија со Херкул Поаро. Но, освен појавата на Софи Хана,  најавено е гостување и на Херкул Поаро во Скопје!! Настанот е под наслов „Јас – Агата Кристи, јас – Софи Хана“ и предвиден е за 20 часот во кино „Фросина“, а обезбеден е и превод на знаковен јазик.

Студентски средби со писателите-гости на „BookStar “

Исклучителна и богата програма беше реализирана на вториот од фестивалот на европска литература „BookStar “, со целодневни активности и настани. Откако утрото студентите по славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се сретнаа со Луцие Фаулерова, чешка писателка, уредничка и сценаристка, чиј дебитантски роман „Собирачи на прашина“ побуди  интерес кај читателите и критичарите веднаш по објавувањето, а беше номиниран за „Магнезија Литера“ , највисоката годишна книжевна награда во Чешка, средба со студентите имаше и Наџат Ел Хачми, годинашната добитничка на наградата „BookStar “, мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми.

Посебно внимание кај публиката побуди настанот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје – книжевно читање со инвентивен наслов и уште поивентивен концепт – „Не ме замараш“ на кое учествуваа девет европски и девет македонски автори на книжевен мегдан: Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Александар Шурбатовиќ (Србија), Влада Урошевиќ, Лидија Димковска, Јосип Коцев, Катерина Шошко, Давор Стојановски, Николина Андова-Шопова, Анде Јанков, Симона Јованоска, Александар Русјаков. 

 

Книжевноста како разонода е вулгарна, простачка, треба да се забрани со закон

Вечерта беше резервирана за разговор со омилените автори на македонската читателска публика, Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ) и Лидија Димковска (Македонија). Јерговиќ и Димковска сега за прв пат седнаа еден покрај друг на книжевен разовор, иако нивното творештво е толку податно за такво нешто. Миљенко Јерговиќ е босанскo-хрватски писател и новинар, еден од најзначајните балкански писатели, кој со својата книжевна и вонкнижевна работа се издигна во една од најживописните фигури на регионалната јавна сцена. Неговите раскази и романи се преведени на триесетина јазици. Јерговиќ моментално живее и работи во Загреб, Хрватска.

Лидија Димковска, пак, е поетеса, романсиер, есеист и преведувач, која од 2001 година живее во Љубљана, Словенија, работи како писател и преведувач од романски и словенечки на македонски јазик. 

Публиката на „BookStar “ вистнски уживаше во инспиративниот разговор со овие исклучителни автори. Настанот го модерираа Александар Маџаровски Читачот  и Билјана Црвенковска. Главни теми на вечерта беа домот и вдоменоста, татковината, пишувањето во туѓа средина, Балканот и неговите проклетства и благодати.

– Мојот двоен идентитет го почувствував и денеска, кога прво се фотографирав со странските автори, а потоа и во другата група, со домашните. Балканот е спсолутно фацинанетен, книжевно ме инспирира и провоцира, сето оан што е грдо, целиот тој хаос се податни за литературата. Можеби во животот редот и мирот се пожелни, но во литературата е тотално обратно – рече Димковска.

Според Јерговиќ, денешната превласт на автофикцијата, писателите да пишуваат а своите животи, е примамлива, кул, има нешто смирувачко во неа, но зад сето тоа стои една позитивна измама, бидејќи раскажувањето приказни самото по себе  фикција, не може да биде автофикација. Човечките ќивоти по природа се фасцинатни и фантастични. Такви се приказните што некогаш се раскажуваа во купеата на југословеската железница и мисла дека најголеата неволја не е распадот на Југославија, туку токму на железницата, ја изгубивме таа можност да ги слушаме тие приказни -рече јерговиќ на почетокот на разговорот во киното „Фросина“ на МКЦ.

Зборувајќи за поимите на домот, се начна и темата на сопствената татковина.

– Прекрасен е македоснкиот збор за тоа – татковина. Хрватите го присвоија домовина, а Србите отабина, иако и двата збора му припаѓаа на српско-хрватскиот јазик. Македонците го имаат тој збор татковина, кој од наша српско-хрватска перспектива, звучи нежно и по малку комично. Затао што тие македонски патријархални татковци против кои себорат македонските ќерки, добиваат снижено значење со зборот татковина, татко, тато… звучи понежно одошто отац. Оттука има нешто тажно под зборот резервна татковина, кој го користи Лидија. Тоа во суштина значи дека си без татковина. Од едната си ја напуштил, а другата си ја стекнал, ама тоа не може да се стекне, татковината не е автомобил па да го купиш. А сите ние всушност имаме една чудна психотична ситуација, сите сме останале без една голема татковина, за која не убедуваа дека е сè, а потоа не убедуваа дека треба да се срамиме од неа, од тоа сè. Да се однесуваме кон Југославија како кон некоја забранета сексуалност, така што сите на овие простори имаме еден сериозен татковинско-сексуален проблем за кој стануваме свесни кога ќе останеме сами дома – рече Јерговиќ.

За Димковска, идентитетските прашања, со кои посебно се соочила откако ја напуштила Македонија, станале посебно важни за нејзината литература, станале податлив книжевен материјал. Јерговиќ, пак, кажа, дека секаде се чувствува како странец, и во загреб и во Босна, освен во сопствените станбени простори, но кога ќе го пречекори куќниот праг – тој веќе е во странство.

– А колку сум постар толку помалку ме интересира да одам во она вистинско странство, во палма, на пример, или во Куба. Не знам што би правел со нив во книжевна смисла. Имам и премногу територии за да се качувам на Хималаите и да размислувам за една таква позиција… Овој простор што се протега од Трст до Солун е фантастичен за книжевноста, иако можеби не и за еден удобен граѓански живот – рече Јерговиќ.

Зборувајќи за тоа што е добра литература Лидија кажа дека тоа се оние писатели и книги со кои може да се идентификува, да се запраша како пишуваат за неа, а не ја ни познаваат, со таквите книги доживува катарза и сознание. Јерговиќ посочи дека литературата не смее да забавува, дека литературата треба да вознемирува затоа што утехата е во вознемирувањето, а спротивно на тоа не е  очајот, туку е тапост, затапеност, смрзнатост.

– Книжевноста како разонода е вулгарна, простачка, треба да се забрани со закон. Таа не треба да зборува за општи теми, туку за конкретни места, луѓе, добрата литература секогаш е локална. И најважно од сè, таа не е мода – заклучи Јерговиќ.

 

Текстот е палимпсест, понекогаш треба да застанеш за да видиш како се развива приказната

 

Во 20 часот, во Младински културен центар , кино „Фросина“, се одржа и разговор со авторите Стефан Хертманс (Белгија)  – автор на „Вечно туѓа“ и Франсис Кирпс (Луксембург)- автор на „Мутации“. Тие зборуваа за своите книги, за приказните и нивното создавање, за креативните начини на пишување.

Стефан Хертманс (1951) е белгиски автор, поет и есеист од фламанското говорно подрачје. Неговата биографија се чита како образовен (билдунгс) роман. од наставник до џез-музичар, од професор до писател, од белгиски државен лауреат до огромна меѓународна книжевна ѕвезда.

Автор е на литературен и есеистички опус кој вклучува поезија, романи, есеи, драми, раскази. Неговата поезија е преведена на различни јазици, изучувана е на Уметничкиот институт и на Кралската академија за ликовни уметности во Гент, а во 1983 година учествувал и на Струшките вечери на поезијата.

Тој има импресивна биографија, предавал на Универзитетот во Сорбона, универзитетите во Виена, Берлин и Мексико Сити, Конгресната библиотека во Вашингтон и Универзитетскиот колеџ во Лондон. На средбата во МКЦ зборуваше за романот „Војна и терпентин“ (2012, кој го базирал на дневниците  на дедо му преку кои го реконструира времето пред, во текот, и по Првата светска војна, со кој влегол и во поширокиот список за меѓународната Букерова награда.

На македонски „Антолог“ ја објави неговата книга „Вечно туѓа“ (2016).

– Тоа е роман во кој се фактите и фикцијата. Многу истражував за да го напишам. Сакав да дознаам која била таа девојка, таа истакната христијанска благородничка што го напушта својот дотогашен живот поради љубовта кон едно еврејско момче и патува од Франција до Египет. Ги следев тие траги и доаѓав до фасцинатни откритија. Ми се допаѓа таквата книжевна игра. Кога нешто ќе откриете што се случувало пред илјада години а потоа ќе ја додадете својата фантазија. Мислам дека направив интересна реконструкција на едно неверојатно патување од средновековна Европа до Египет и нераскажана приказна за заборавени документи и забранета љубов – рече Хартманс.

Според него, текстот секогаш е палимпсест, понекогаш треба да запреш со пишување за да видиш како се развива приказната.

Франсис Кирпс (Луксембург), пак, е луксембуршки автор, сатиричар и новинар. По завршувањето на средното училиште студирал психологија во Стразбур и работел, меѓу другото, како училиштен психолог и наставник во основно училиште. Од деведесеттите години објавува поезија и проза во различни антологии и списанија во Германија и во Луксембург. Во 2020 година ја добива наградата Servais и Наградата за литература на Европската Унија за книгата „Мутации“, која е преведена на 5 јазици, меѓу кои и македонскиот. „Мутации“ се 7 приказни и 1 песна, секоја базирана на класичен текст, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф.

 – Земам автори што ги знам и потоа правам нивен омаж, пишувајќи свои приказни, ги превртувам нивните приказни наопаку.  Првиот текст што го напишав од „Мутации“ беше базиран на Кафка, а го напишав за едно литературно списание од Луксембург. Потоа следуваа други, некои успешни, некои помалку успешни, и така настана концептот на книгата. Идејата беше да се покаже дека многу од класичните текстови сè уште се живи и дека може да им се даде нова димензија, се разбира со должна почит кон нив.  „Мутации“ се своевиден трибјут кон тие дела и нивните автори. Сепак, не верувам дека ќе продолжам со овој концепт, мислам дека си ја исполни својата функција и дека е завршен концепт. Не сакам да се повторувам – рече Кирпс.

 

Денес на програмата

4 октомври, 11.00 – Скопје

„Кога писател шета писатели“

Неформална тура на Васко Марковски

 

4 октомври, 16.30 – Europe House – Скопје

(Не)возможен пар – автор и преведувач

Панел во контекст на „Создадено во Европа: Моќта на различноста“

Луцие Фаулерова (Чешка) и Маргарета Карајанова

Франсис Кирпс (Луксембург) и Ксенија Чочкова

Ања Мугерли (Словенија) и Давор Стојановски

Жарко Кујунџиски и Маријанџела Бјанкофиоре (Италија)

Модератор: Душко Крстевски

 

4 октомври, 18.30 – Џебно кино, МКЦ

Поткаст „Гол ручек“ со Душко Крстевски и Наџат ел Хачми (Шпанија)

 

4 октомври, 19.00 – Кино „Фросина“

„Во средиштето на животот“

Разговор со авторките Луцие Фаулерова (Чешка) и Ања Мугерли (Словенија)

Модератори: Александар Маџаровски и Ана Голејшка Џикова

 

4 октомври, 20.00 – Кино „Фросина“

„Јас – Агата Кристи, јас – Софи Хана“

Разговор со авторката Софи Хана (Обединетото Кралство)

Модератори: Јордан Коцевски и Анде Јанков

 

4 октомври, 21.00 – Кино „Фросина“

Слем натпревар

Учесници: Франсис Кирпс (Луксембург), Перица Сарџоски, Марија Грубор, Лиле Јованоска, Игор Трпчески, Горазд Кени Китановски, Аница Блажевска, Андреј Ал-Асади

 

 

Во периодот од 2-4 октомври секој има можност да ги запознае авторите за време на BookStar 2023.

 

Фестивалот се одржува под слоганот „Please do disturb“ и е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија.