Бујар Османи побарал да се испита работењето на Инфективната клиника и „Септември“


Фото: Б. Грданоски

Зголемениот број на мртви случаи последниве денови од корона вирусот била причина вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, да се посомнева во работењето на неговите колеги лекари и побарал Владата да формира посебна комисија да испита што се случува на Инфективната клиника и на Градската болница „8 Септември“ во Скопје. Како што јавува сдк.мк на вчерашната седница преку конференциска врска на Главниот кризен штаб и Комисијата за заразни болести се случувала своевидна драма кога Османи се обидел да ги стави под прашање стручноста и знаењето на лекарите во двете болници. А не да разговара и зошто голем број од пациентите доаѓаат во болниците во премногу тешка состојба (некои од нив умираат и кога се врши преглед во приемните одделенија), кога избегнувањето на смртниот исход станува речиси невозможно.

Лекарите биле гневни, дури и бесни на ваквата изјава на Османи, а бурно реагирал и министерот за здравство Венко Филипче. Османи наводно се обидел да им објасни оти протоколите за лекување во „8 Септември“ и Инфективната клиника биле различни, па можеби затоа и имало толку смртни случаи. Според она што го пишува сдк.мк реакцијата на лекарите била во насока дека ако Османи како дигестивен хирург бил толкав експерт тој нека биде шеф на Комисијата и секој ден да доаѓа во Инфективната клиника и во „8 Септември“, па на терен стручно нека ги оценува инфектолозите, анестезиолозите и интернистите што веќе четврти месец работат секојдневно без одмор поради напливот на пациенти заразени со Ковид-19 и ги ризикуваат животите.

Клучот за ваквите реакции се наоѓа во фактот дека најголемиот дел од новозаболените во овој втор пик доаѓа од средините со големо албанско население, како во Чаир и неколкуте села во општината Липково, Кумановско, каде што градоначалници се кадри на ДУИ. Во јавноста се создава перцепција дека градоначалниците не ја вршат доволно добро работата за почитување на превентивните мерки и за тестирање и дека тоа може да има политичка цена за партијата.

Наводно, Османи и претходно неколку пати реагирал зошто Чаир се споменува како пример каде што не се почитуваат мерките, има отпор за тестирање, а и епидемиолозите се соочуваат со големи проблеми во контактите со населението. Чаир е бастион на ДУИ во Скопје, па партијата настојува да го амортизира впечатокот кај граѓаните и стравот што се јавува од корона вирусот. Пред некој ден во гостувањето на ТВ24 Артан Груби реагираше многу бурно кога се спомена дека во Чаир е најголемото избувнување на сегашното ширење на болеста, па дури посредно тврдеше дека вирусот таму бил пренесен од општината Аеродром.