Бујар Османи: Останува предлогот прашањето за јазикот да се реши со две унилатерални изјави


Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес конференција изјави дека и натаму останува предлогот прашањето за јазикот да се реши со две унилатерални изјави. 

Ова уверување тој го добил од неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва со кој вчера остварил телефонски разговор на кој му било потврдено дека нема поместување во однос на позицијата на Португалија за решавање на спорот со Бугарија, односно дека останува она што под нејзино претседателство стои во пишаниот предлог кој е доставен и до македонската и до бугарската страна, но и до земјите членки на ЕУ.

Тој додаде дека станува збор за предлог на Претседателството на ЕУ, а не само на Португалија и дека очекува и Словенија да продолжи во таа насока.

„Формулацијата за јазикот останува во преговарачката рамка, односно како сегашниот предлог на Комисијата, додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи за јазикот и ние би имале наша едностарана изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес“, рече Османи на прес конференција во Охрид, одговарајќи на новинарско прашање.

„Сметаме дека тоа е креативното решение кое што ги адресира сензитивностите на двете страни во однос на ова прашање“, додаде тој.

Тој повтори дека предлогот се состои во тоа што од нас се очекува да се потврди дека јазикот е кодифициран од 1945 година и нагласи дека за јазикот и за идентитетските прашања никогаш не се разговарало на билатерална основа со Бугарија.

Во Софија беа разменети идеи по однос на содржината на патоказот. Потврдувам дека тоа што точките во јавноста се спомнуваат, се елаборираат се тие што ги разговараме за патоказот, но не разговараме билатерално за идентитетските атрибути бидејќи тие не се прашања што се предмет на билатерални спорови“, рече Османи во однос на тоа што било разговарано на средбите на владината делегација за време на посетата на Софија на 17 јуни.

Повтори дека со Бугарија дијалогот ќе продолжи преку дипломатски канали и директно преку министерствата во однос на враќање на довербата.

„Дијалогот со Бугарија нема да го правиме преку медиуми. Нашите позиции по однос на прашањето за кое што разговараме и за прашањата за кои не разговараме сме ги претставиле пред јавноста во многу наврати. И фактот дека на последниот документ што го добив од министерот за надворешни работи на Бугарија се третираат само прашања за коишто сме разговарале и за кои можеме да разговараме укажува дека тоа е така. Меѓутоа, ние ќе продолжиме да комуницираме преку дипломатски канали и директно преку министерствата во однос на враќање на довербата, во однос на изнаоѓање на решенија како да го надминеме ова прашање“, истакна Османи.

Освнувајќи се за конференцијата „Преспа форум дијалог“, тој рече дека тајмингот за нејзино одржување е добар, бидејќи доаѓа по заклучоците на Советот на ЕУ.

„Првично беше планирана за 15 и 16 јуни, пред Самиотот на ЕУ. Мислам дека тогаш ќе зборувавме повеќе за очекувањата и за надежите. Тоа што се случува сега по Самитот, е добро за точно да ги адресираме фрустрациите што се појавија од половичните одлуки и незадоволството што тлее во нашето општество“, рече Османи.