Бужаровска го нарече „брука“ тврдењето на Коцарев дека се укинува катедрата за македонски јазик
Професорката на Филолошки факултет при УКИМ, Румена Бужаровска, ги искоментира како „брука“ изнесените тврдења во јавноста на претседателот на Македонската академија на науките и уметности, Љупчо Коцарев, кој наведе дека ќе се укинуваат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност.
Инаку 16-мина професори, магистри и доценти од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици упати отворено писмо дека станува збор за целосни невистини и манипулации.
„Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“, се вели меѓудругото во писмото.
„Невкусно е и одвратно во годината на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, основачот на катедрата за македонски јазик која годинава бележи 75 години од постоењето, да се направи обид големите јубилеи што претстојат да се погнасат и да се инфицираат со блуениците на вакви ликови каков што е сегашниот претседател на МАНУ“, напиша денес во коментар за „Фокус“ Ана Пановска.