Бугарското ВМРО се откажа – нема да учествува на изборите на 2 април

Според партијата на Каракачанов Бугарија била под голем надворешен притисок: „Европа ни вршеше притисок за Македонија“ се вели во партиското соопштение


Красимир Каракачанов

 

Партијата на Красимир Каракачанов ВМРО изгледа оди кон неповратно и целосно маргинализирање во Бугарија. Денеска таа соопшти дека нема да се појави на претстојните предвремени парламентарни избори на 2 април, иако се пријави да учествува на нив. Наместо тоа, партијата ќе ги бојкотира со кампања дека учеството во нив е беспредметно, бидејќи „кога странските амбасади и маргиналното гласање ја диктираат бугарската политика, единствениот избор е бојкот“. Ваква одлука донесе Извршниот комитет на ВМРО, кој излезе со соопштение околу претстојните избори.

„Две години во Народното собрание се репродуцираат исти политички партии кои трошат милиони лева за кампањи и избори. Две години политички импотентни проекти кои се борат за власт. Две години – прослава на политичката себичност“, стои во ставот на ВМРО, која беше во  последниот кабинет на Бојко Борисов како коалициски партнер на ГЕРБ со тогашните „Обединети патриоти“.

Според партијата на Каракачанов, Бугарија е предмет на тотален надворешен притисок и обиди за мешање во внатрешните работи. „Европа ни вршеше притисок за Македонија. Преку океанот нѐ принудија да купиме нови авиони и да дозволиме борбени единици да влезат на наша територија. Русија мавта со прст кон нас и поддржува партија во нашиот парламент. Турција организира избори и испраќа што повеќе пратеници од ДПС како што сака до Народното собрание. Дури и нашиот југозападен сосед претендира дека има ‘македонско малцинство’, а по улиците на старата бугарска престолнина Охрид се тепаат Бугари“, стои во соопштението.

Од ВМРО тврдат дека „ни се нудат избори без избор. Моделот е погрешен. На системот му треба промена. Затоа е беспредметно учеството на избори!“, се вели во соопштението.

Членовите на бугарското ВМРО, како копретседателот Ангел Џамбаски, се едни од оние политичари кои најмногу придонесуваат за влошување на односите меѓу Софија и Скопје. Тие беа најбројни меѓу оние лица кои беа на панихидата за Мара Бунева во Скопје и кои тргнаа но не стигнаа за годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Џамбаски и другите високи членови на раководството постојано изјавуваат иредентистички ставови околу Македонија. Со оваа одлука ВМРО речиси целосно се маргинализира на бугарската политичка сцена.

ВМРО сакаше да се појави на заеднички листи со Бугарски подем, партијата на поранешниот технички премиер Стефан Јанев. Но двете партии не најдоа заеднички јазик за ваква синергија. На последните избори во октомври ВМРО доби едвај 0,81 отсто од гласовите. (Н.В.)