Бугарското собрание не може да избере ни претседател


 

Бугарија е политички блокирана на многу нивоа. Новото собрание денеска се состана по втор пат за по само 5 минути да заклучи во него нема мнозинство што би можело да избере претседател на комората. Не беше направен ни обид за тоа.

Сепак, ова не е изненадување за бугарските политички набљудувачи, бидејќи во заднина се барањата на ГЕРБ и коалицијата ПП-ДБ прво да се прецизираат законските приоритети, а потоа да се избере шеф на парламентот.

Во четвртокот во пленарната сала ниту една политичка сила не предложи кандидат за претседател, па најстариот пратеник, Вежди Рашидов од ГЕРБ што го водеше заседанието, најави пауза до среда наутро. Првата седница на собранието не може да се затвори пред да се избере првиот човек.

И додека работата на парламентот е блокирана поради немање одлука за спикер, партиите почнаа да разговараат меѓу себе. Главните разговори за законодавните приоритети на собранието ќе се водат само меѓу првата и втората политичка сила – ГЕРБ и ПП-ДБ. Но, се чини дека во текот на овие дискусии партијата на Борисов се обидува да ја вклучи ПП-ДБ во разговор за заедничка влада, иако од формацијата претходно изјавија дека нема да поддржат кабинет со мандат или учество на ГЕРБ.

„Разговорите во прво време ќе бидат со ГЕРБ. Ова е главното мнозинство кое ќе избере претседавач доколку се прифати шемата за ротација. Доколку не биде прифатена, ГЕРБ, како и во минатите парламенти, може да избере претседател од хартиеното мнозинство (оние што не се за машинско гласање – н.з.) и да продолжи понатаму“, истакна Даниел Лорер од ПП-ДБ.