Бугарското собрание го прифати францускиот предлог и постави свои услови


 

Со 170 гласа за, 37 против и 21 воздржани пратениците во бугарското собрание го прифатија францускиот предлог за кревање на ветото на Софија во ЕУ за Македонија со тоа што постави четири услови кои бара да влезат во преговарачката рамка. 

Собранието расправаше неколку часа околу овој предлог и најмногу се посвети на предлогот што го достави Христо Иванов од името на Демократска Бугарија за прифаќање на францускиот предлог, кој вчера го усвои комисијата за надворешни работи.

Според одлуката на пратениците Собранието го усвојува францускиот предлог и при тоа налага ефективно исполнување на Договорот за добрососедство и протоколите од заедничката меѓувладина комисија од чл. 12 од тој договор. Како и гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, вклучително и нивно внесување во македонскиот устав заедно со другите народи.

За овие две точки собранието бара да има европски гаранции за нивно исполнување.

Понатаму, ѝ се даваат задачи на бугарската влада да го прецизира францускиот предлог така што ќе гарантира впишување на Бугарите во македонскиот устав на рамноправна основа со другите народи и „подобрување на текстот на предлогот на преговарачката рамка со став дека ништо во процесот на пристапувањето на Македонија во ЕУ не може да биде толкувано како признание од Република Бугарија дека постои ‘македонски јазик’“.

Исто така, се бара добрососедството да остане „хоризонтален критериум во рамките на целиот процес на пристапување на Македонија во ЕУ, за чие исполнување Европската комисија да го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција.

И најпосле, вклучување на двостраните протоколи од чл. 12 од Договорот за добрососедство во преговарачката рамка. 

За оваа одлука гласаа пратениците на Продолжуваме со промената, ГЕРБ, Демократска Бугарија и ДПС, против Има таков народ и Преродба, а пратениците на БСП беа главно воздржани.